Д-р Игор Николов

Живееме во свет на дигитализација каде што податоците брзо се внесуваат, но и се менуваат со брзина на светлината. Во развиените државни системи, тие се лесно достапни за секој. Спакувани и „соџвакани“ во централизирано поставени системи, со цел полесна ориентација на секој научник и медицински работник, без разлика дали се работи за истражувач, матичен лекар, фармацевт, специјалист или пак друг здравствен работник и соработник.

Недостаток на податоци, води до креирање на политики и интервенции кои се базирани на „средна вредност“, наместо понуда на програми, проекти и политики ориентирани кон граѓаните врз база на докази и специфични студии. Да, и во Македонија се изработуваат студии, дел самостојни дел помогнати од интернационални фондови и организации, но потребен е централизиран систем за собирање на овие податоци, обработка и нивна достапност до секој што има потреба од истите во реално време. Тоа не е луксуз за нашиот државен буџет, туку потреба за зајакнување на здравствените капацитети на секој чинител во системот, од медицинска сестра до доктор на науки.

До сега, владата носеше по некоја одлука која се покажуваше или како нефункционална или непотребна, а за таа цел беа употребени големи буџетски средства. Таков пример се модуларните болници набавени со кредит од Светска Банка, кои што по завршувањево на пандемијата се целосно амортизирани и бескорисни. Затоа, нема оправдување „дали ќе има средства“ туку потребно е насочување кон стратегија „како до тие буџетски средства, и тоа веднаш“.

Cаse Fatality Rate: македонија е полоша од Африка

За читателите кои не се здравствени работници, Case Fatality Rate (CFR) означува процент на смртност причинета од КОВИД-19 од вкупен број на позитивни. На следниот график може да се види споредба на Македонија со неколку држави од регионот како Србија, Косово, Албанија и Грција, но и споредба со средна вредност на смртност од КОВИД-19 од земјите во Африка, од вкупниот број позитивни случаи. И покрај појава на „послаби“ соеви на Ковид-19, сепак кај нас смртноста е се уште висока, а за изминатите неколку недели е исто така околу 2%.

Инфографик: Смртноста во Македонија споредена со неколку држави од регионот – Македонија со највисока стапка.

 

Колку деца се останати без родител или негувател поради смртност од ковид?

Кога разговараме за стапката на смртност (Case Fatality Report) од првиот график, мора да го земеме во предвид фактот дека за секој починат родител, некое дете останува засегнато со можни последици кон нормалниот раст и развој. Поголема стапка на смртност – повеќе засегнати деца и фамилии.

Инфографик: Број на деца останати без еден родител/негувател поради смрт причинета од КОВИД-19 помеѓу март 2020 и април 2021 година низ светот.

Токму поради овие податоци се апелираше на што побрзо креирање на заедничка државна стратегија од сите политички чинители во однос на КОВИД кризата, секако со сличен пример во здравството. Целта беше креирање на национален протокол за КОВИД-19 кој се уште го нема, а со тоа и взаемна стратегија со цел подобар менаџмент на пациенти, подобра размена на податоци помеѓу сите нивоа на здравствена заштита и полесен терен за тие што можеби највеќе претрпеа во кризата – матичните лекари и примарната здравствена заштита.

Дали таква национална стратегија ќе влијаеше кон намалување на стапката за смртност? Најверојатно да. Дали вакви протоколи постоеа индивидуално низ институции? Секако дека да, но секоја институција си креираше свој начин врз база на сопствени истражувања и консолидација. Зошто да биде тоа така, кога може да биде централизирано, организирано, наместо хаотично. На нас ни е потребен македонски систем на следење и контрола на болести како “CDC” кој секако ќе се базира на истите тие западни, па и источни добри примери, но ќе се адаптира на домашните услови.

Како изгледаат протоколи за КОВИД-19 може да се види на повеќе примери, а истите или слични, можеа да се направат досега и во Македонија:

 

Зошто статистиката е важна?

Кризата со миграција на здравствени работници е секаде проблем, но во Македонија, бар во примарната здравствена заштита, имаме доволен број на лекари за поддршка на системот. Сепак, нивните капацитети треба да се зајакнат преку мерки за ослободување од непотребна документација која што двојно па и тројно се внесува и во Мој Термин и во здравствен картон и амбулантен дневник, растеретување на системот преку дигитализација, телемедицина, подобрување на МојТермин и останати примери преку национална стратегија ЗДРАВСТВО 2030 или како и да ја наречеме. Стратегија која што би требало да се креира и почитува од сите политички чинители во државата.

 

Ковид 19 можеби ќе биде тука, но до каде сме со рутинската имунизација?

Кога сме веќе кај статистика, Македонија до овие моменти има многу мал број на вакцинирано население, односно до 13ти март 2022 година:

  • Со една доза на вакцина против COVID-19, во државата и странство, вакцинирани се 52,3% од населението над 18 годишна возраст, односно 48,3% од население над 12 годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се само 42,1%.
  • Опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 51,1%, односно 47,2% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува само 41,2%.

Ако 2021 година ја завршивме со долниот праг препорачан од СЗО од 40%, до средина на 2022-ра речиси и невозможно е да ја стигнеме препораката од 70%. Тоа е така бидејќи за првите 3 месеци од 2022ра година, Македонија вакцинирала едвај 1% плус, наместо да предвидените +15%. 

Болести искоренети од Европа, повторно се враќаат на маса

Вакцинацијата против КОВИД-19 несомнено доведе и до проблем со рутинската имунизација и во светот. Дали знаеме какви се податоците за рутинска имунизација во Македонија и зошто е тоа важно? За да може а) да превенираме катастрофа и нова епидемија, како примерот во Украина со Полио (детска парализа) и б) за да може врз база на докази да креираме соодветна стратегија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.