Предраг Димитровски
„…На секој Македонец, каде и да се наоѓа, му се налага задолжителен долг да протестира, да се бори кој со што може и да ги штити своите права и своите интереси, презирајќи ги сегашните натрапени водачи, кои со престапничка кусогледост и незнаење го водат македонскиот народ кон отворена смрт и колеж. Секој поединечно и заедно, колективно, на собири и митинзи, на национални совети и на конгреси да побара слобода за македонската мисла и критика, слобода на размислувањата и убедувањата како единствена, во прво време ефикасно средство за да се изрази заедничката, колективна војна, што единствено ќе може да ги обезвредни, да ги обузда и отстрани сите безумени, кои како аргумент го знаат единствено куршумот и парабелумот. Па, наместо да разменуваат истрели, да се бориме со мисли и идеи, кои раширени меѓу широките народни маси се посилни од ножот и куршумот…“.
Вака пред неполни 100 години пишувал последниот жив гемиџија, бриселски правник, револуционер, разузнавач…член на АСНОМ, прв министер за правда во ослободена ФР Македонија, Павел Шатев. Содржината е дел од неговиот текст насловен како „Безумени“, што бил во „Македонско дело“ бр.77 од 10 ноември 1928 година.
Павел Шатев не бил ниту комунист, ниту ванчомихајловист, бил левичар, федералист и еден од основачите на ВМРО (Обединета). Текстот соодветствувал на тогашните општествени услови и околности во кои се наоѓале Македонците, кои веќе на големо ја воделе својата братоубиствена војна, чии жртви биле илјадници припадници, пред сѐ, на македонската интелигенција.
Малиот извадок од неговиот текст е само обид за пресликување на актуелната состојба во која одново се наоѓаат Македонците, чија целосна поделеност по сите шевови сега се манифестира околу (не)прифаќањето на францускиот предлог за кревање на бугарското вето за конечно официјално отпочнување на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија. Но, таа вековна поделеност сега веќе превагнува на страната на мнозинството обични Македонци. Зашто, според сите анкети, дури над 70% од нив се против предлогот во кој препознаваат и гледаат обид за целосно деградирање и девалвирање на нивното достоинство, историја, традиции, обичаи, култура и почеток на нивниот крај за постоење како Македонци. Зашто, во тоа што Европејците го нудат како некаков болен компромис, Македонците гледаат нивно обезличување, асимилирање и целосна бугаризација.
Во 2017 година, пред потпишувањето на потполно асиметричниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, една од главните мантри на тогашниот премиер Зоран Заев, околу тоа дали тој е добар или лош беше зависи како гледате на чашата со вода како на полуполна или како на полупразна. Пет години подоцна, чашата остана целосно празна. Во неа нема ни капка вода.
Власта на СДСМ и ДУИ ни потроши пет златни години за ништо! Самите се фатија во стапицата на непромислената одлука да го прифатат терминот „заедничка историја“. Наспроти сите предупредувања, на неа ни на крај памет не ѝ паѓаше дека Бугарија тоа ќе го толкува само и единствено како бугарска историја, согласно нејзината вековна национал-шовинистичка политика кон Македонија. Што значеше дека за неа, Македонците се вештачка коминтерновска творба, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, и дека сите други идентитетски обележја почнуваат од 1944 година. Сѐ претходно било само бугарско.
Соочувајќи се со таквите бугарски ставови, власта почна да се препелка како риба на суво, а целиот државен врв делуваше како расштимуван оркестар.
И како последица на сето тоа дојде францускиот предлог, што ги прифати сите бугарски барања. Тоа ги крена на нозе Македонците. Старо-новата власт на СДСМ и ДУИ, сега без Зоран Заев и Никола Димитров, туку со Димитар Ковачевски и Бујар Османи, одново се изгуби во сопствената неспособност, во сопствените лаги, во сопственото менување ставови почесто и од чорапите што ги носат, во сопствената нетранспарентност, криење на документите… Стигна до таму да не може ниту да го објасни предлогот, ниту пак некој да и верува во тоа што го кажува!
Како и во случајот со Преспанскиот договор и со референдумот за менување на уставното име, меѓународната заедница ја почна истата игра. Притисокот наместо кон Бугарија, го насочи кон Македонија и власта. Многубројните мисионери, вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ни го кажуваа(т) тоа што сакаме да го слушнеме, а не тоа што стои во документите! Згора, без никакви гаранции дека тоа што го кажуваат се во состојба и да го исполнат. А, како се вели, кога човек ќе се изгоре на млеко, дува и на маштеница.
Но, тоа не важи за власта на СДСМ и ДУИ. Типично марионетски, спротивно на волјата на мнозинството Македонци, прифати сѐ што и беше сервирано. Прифати да ги снема Македонците!
Наследниците на македонските комунисти, кои бугарскиот фашистички окупатор погрдно ги нарекувал „шумкари“, станаа против нивните родители и дедовци, против нивната оставина, против нивниот народ, против нивната сопствена држава и државност! „Шумкари“ против „шумкари“!
Ова не им беше доволно, па отидоа и чекор натаму. Враќајќи не одново во 1941 година, со своето однесување станаа и поголеми „ванчомихајловисти“ од „ванчомихајловистите“! Под поимот „ванчомихајловист“, по војната, тогашните „шумкари“ подразбирале сѐ што било непријателски расположено кон комунизмот и не прифаќало постоење на македонски народ. Прифаќајќи го францускиот предлог, со кој практично Македонците на рати го губат својот идентитет, потомците на „шумкарите“ истовремено стануваат и инкарнација на „ванчомихајловизмот“!
И во дневно-политичката пресметка со опозицијата, која се спротивстави на прифаќањето на францускиот предлог, една „несреќа„ од портпарол на СДСМ вели дека во Собранието одново ќе ја поразат ВМРО-ДПМНЕ! Да, само на политички неуки тоа не им беше јасно. СДСМ со албанските партии ќе ја поразат ВМРО-ДПМНЕ, но катастрофално е тоа што не сфаќаат дека истовремено ги убиваат Македонците! И нивните предци, и живата генерација и тие што треба да дојдат!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.