Петар Поп-Арсов

Во очекување на исходот од американските претседателски избори кои ќе претставуваат кулминација на оваа изборна 2024 година на глобално ниво, може слободно да кажеме  дека се забележуваат сериозни активности и поместувања кај повеќе земји во светот. Овие активности имаат за цел да им овозможат нивно подготвено влегување во новиот четиригодишен циклус на светската политика. Досегашната пракса покажа дека американските претседателски избори во голема мера ги определуваат насоките во кои се движи светот во четирите години мандатен период на американските претседатели.

Сепак, мора да признаеме дека се наметнува едно ново прашање, дали ова ќе бидат последните четири години на доминантното американско влијание после кое ќе дојде до создавање на мултилопарен свет или приказната за американската доминација ќе продолжи и понатаму? Непобитен факт e дека американските претседателски избори не се само внатрешна политичка трка на Соединетите Американски Држави, туку тие воедно индуцираат паралелни трки, групирања и прегрупирања насекаде во светот.

Војната во Украина е една од точките во кои може да се види влијанието на претстојните избори. Таму се трча последниот круг пред ноемвриските избори со намера да се стекне што е можно подобра позиција на стартно-целната рамнина. Веќе почна да се зборува за некакви мировни преговори и веќе гледаме раздвижување на тешките политички и дипломатски фигури кои можат да посредуваат во овој судир.

Се прават напори и за гаснење на пожарот и во Израел и Газа и превенирање на конфликт од пошироки размери. Во исто време гледаме и друг тип на политичко економски активности кои буквално од корен можат да влијаат на менувањето досегашната поставеност на светскиот распоред на силите.

Турција поднесе апликација за членство во БРИКС!

Да, земјата членка на НАТО, земјата кандидат за членство во ЕУ и долгогодишен партнер на политичкиот запад, на почетокот на овој месец официјално ја поднесе својата кандидатура за влегување во сојуз со Русија, Кина и останатите. Навистина интересен потег кој претставува сериозна провокација за западните сојузници во предвечерието на американските претседателски избори.

Турција беше силен политички поддржувач и партнер на политиките на САД во однос на војната во Сирија во времето на Обама. Таа е земјата која собори руски борбен авион за време на истата таа војна. Во Турција беше извршен атентат и убиен руски амбасадор. Тоа беа политики и настани кои што предизвикаа сериозни потреси и заладување на односите со официјална Москва.

Во Турција беше спроведен неуспешен државен удар, во случајов настан кој што претставуваше пресвртница и затоплување на турските односи со Русија, од една страна, и заладување на односите со западните партнери, од друга страна. Турција е земјата која беше најзначајниот фактор во заштитата на Европа од бегалските и мигрантски бранови кои го загрозија континентот. Земја чија што дипломатија беше блиску да спречи ескалирање на денешната руско-украинска војна.

Сега Турција е земјата која бара да влезе во БРИКС.

Навистина впечатливи трансформации на надворешните политики на една земја која претставува сериозна економска и воена регионална сила. Какво ќе биде влијанието на ваквиот турски потег врз политиките на ЕУ и САД и дали ќе има промени во односот кон Турција како последица на нејзините аспирации за членство во БРИКС, останува да видиме?

Дали овој потег на Турција е оправдан?

Ако се земе во предвид досегашниот процес на турските евроинтеграции, некои би рекле дека е и повеќе од оправдан! Дали апликацијата за членството во БРИКС, како алтернатива на членството во ЕУ е решение за турските бесконечни преговори со ЕУ? Дали Турција навистина сака да влезе во БРИКС или само сака да изврши притисок врз ЕУ со цел да го финализира процесот на пристапување, и за тоа ќе треба да почекаме да видиме?

Легитимноста на вака поставеното прашање лежи во фактот што, ако се сеќаваме, Турција на почетокот беше противник на зачленувањето на Финска и Шведска во НАТО, за потоа, после добивање на одредени концесии да ја крене рампата за овие две земји.  Ќе се случи ли слично сценарио и во овој случај или Турција навистина ќе помине од другата страна на улицата во прегратките на економската конкуренција на САД и ЕУ?

Турскиот пат за придружување кон ЕУ е најдолгиот и еден од најкомплексните процеси во споредба со останатите земји кандидати, како и оние кои некогаш биле кандидати, а денес се полноправни членки на ЕУ. Со формална апликација поднесена во 1997 година, Турција се здобива со кандидатски статус во 1999 година, а преговорите официјално ги започнува во 2005 година. Од тогаш до денес има отворено шеснаесет, а затворенорено само едно поглавје. Ваквиот бавен процес се должи на политички и економски пречки, како и прашања од областа на заштитата на човековите права.

Процесот на преговори беше запрен во 2019 година, највеќе поради назадување на демократските процеси во земјата, прашањата поврзани со Кипар и напнатоста која што се појави меѓу ЕУ и Турција како последица на обидот за државен удар во земјата во 2016 година.

За разлика од Турција, некои од сегашните земји членки, како што се Австрија, Финска и Шведска, станаа земји членки на ЕУ после само две години на преговарање. Најдолги преговори имаа Малта и Кипар на кои им требаа четиринаесет години за да го завршат процесот. Ако на Турците им претставува некаква утеха, Македонија е апликант од 2004 година и го има вториот најдолг евроинтегративен процес, со сѐ уште неизвесен исход.

Ако се земе во предвид дека просекот на евроинтегративниот процес од земја апликант до земја полноправен член на ЕУ изнесува девет години, тогаш дефинитивно тридеценискиот турски пат кон ЕУ претставува сериозна причина за нејзината неодамнешна апликација за членство во БРИКС. Со тоа доаѓаме до одговорот на прашањето поврзано со оправданоста на турскиот потег за апликација кон БРИКС.

Иако после сѐ што се случуваше во изминатите десетина години на релација Брисел – Анкара и блокадите кои што и беа наметнувани на Турција, во последно време сме сведоци дека во 2024 година ЕУ започна да прави напори да ги зајакне и продлабочи трговските односи со Турција. Може слободно да се каже дека сето ова претставува директна последица на турските најави за приближување кон БРИКС предизвикано од разочарувањето поради застојот на евроинтегративниот процес. Тоа е таа класична реактивна политика на „заспаната убавивица“ од Брисел.

Имено, во обид повторно да го заживее процесот, ЕУ претстави сеопфатна стратегија која се заснова на три столба. Овој план вклучува зајакнување на дипломатските ангажмани на високо ниво, продолжување на работата на Европската инвестициска банка во Турција и модернизирање на постојната царинска унија. Овие иницијативи се дел од пошироката цел на ЕУ за обезбедување соработка со Турција, особено во услови на тековните геополитички тензии, вклучително и руската војна во Украина. Турската геостратешка позиција е клучна за ЕУ во однос на контролата на миграциските процеси, како и за одбрамбената рамка на НАТО.

Закочените разговори за пристапување на Турција во ЕУ, заедно со чувството на занемареност на нејзините безбедносни интереси од страна на нејзините западни сојузници, ја мотивираа земјата да истражува алтернативи како што е БРИКС, организација во која доминираат големите економии во развој Кина и Индија. Од економска перспектива Турција го гледа БРИКС како можност да ги зајакне своите врски со големите растечки пазари. Турција веќе има значителни трговски односи со Кина, при што приклучувањето кон БРИКС може да обезбеди дополнителен пристап до пазарите во Русија, Индија и Бразил. Со неодамнешното проширување на БРИКС со земји како Египет, Емиратите и Иран, Турција го гледа членството како начин да го зајакне своето влијание во пошироко глобално ниво. Згора на сѐ, неодамнешните разговори меѓу Ердоган и Путин резултираа со нагласување на намерата на Турција да ги зајакне врските со БРИКС, за што беше добиена поддршка од Русија во однос на турските аспирации.

Сето ова заедно фрла сериозно светло врз Турција и врз нејзината улога на светската политичка сцена. Земјата јасно го потенцира променетиот фокус на нејзините надворешнополитички приоритети со што Турција станува посакуван партнер за сите страни. Партнер кој ја забележува својата шанса и прави сериозни чекори за искористување на сопствените пет минути.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.