Новото нормално, што почна да ни се продава со почетокот на пандемијата од Ковид-19, во Македонија полека, но сигурно се претвора во ново ненормално, пред се на политички план! За волја на вистината, новото ненормално почна со екс-премиерот Зоран Заев, а еве продолжува и со неговиот намесник на партиската и на премиерската позиција во ликот и делото на Димитар Ковачевски.
Во последното интервју за неделникот „Фокус“ и своето новогодишното обраќање, премиерот намесник Димитар Ковачевски ни покажа и докажа дека е апсолутно тотален политички дунстер, кој нема направено никаков исчекор ни напред, ни назад од својот претходник!
А, тапкањето во место значи дека Ковачевски и СДСМ продолжуваат со сељачката, пазарџиска менталната политичка матрица на отворени делби на националното ткиво, насилно манифестирање на политичка моќ, непочитување и потценување на народот и граѓаните, особено на нивната волја и расположение, воведување антидемократски правила на игра, што како држава и општество не враќаат децении наназад, враќајќи ни ги стравот и стравопочитта како нешто сосема нормално!!!
Таман човек ќе помисли дека „излетот“ на партискиот ген-сек за „прегазување на сите оние, кои ќе им застанат на патот“ кон ЕУ бил само момент на невнимание, кога од устата на партискиот и премирскиот намесник стигнува потврда! Само во некоја „поблага“ варијанта, што никако не може да биде никакво оправдување!
-Мојата порака до граѓаните е да имаат надеж, да ја задржат јасната визија за европската иднина на државата и да се вклучат во процесите. Нам ни требаат активни и ангажирани граѓани, апатијата не е решение.
Што се однесува до мене, исто како и оваа година што изминува, ќе работам неуморно за да имаме сите подобра година. Знам дека предизвиците со кои се среќаваме создаваат недоверба, но мојот мандат почна пред околу една година. За оваа година дадов се од себе, најмногу што може да се направи во вакви услови на криза. За да направиме повеќе и подобро, мене и на владата ни треба поддршка од граѓаните, ќе изјави меѓу другото Ковачевски во интервјуто.
И прво што паѓа на ум по овие неколку реда е – аман Таче не давај се од себе! Аман не давај, зашто којзнае каде ќе ни биде крајот и каков ќе ни биде дури тогаш алот! Ако денот по утрото се познава, една година е доволно за да видиме со кого си имаме работа.
Видиш ти какви граѓани му требале на Тачета наш за да може успешно да владее?! Активни и ангажирани, по сопствен терк! А, другите? Другите не му требаат! И што ќе прави со нив? Ќе ги прегази како шлепер жаба? Или само со административни мерки ќе им создаде нови голоотоци за „прекувремена работа“, метаксовски ширум ќе им ги отвори портите за масовно напуштање на државата или ќе им најде друго чаре!?
Апатијата кај граѓаните, пак, оди заедно со барањето доверба од нив за да може Таче наш и неговата влада да „направат повеќе и подобро“. Да читаш и да не ти се верува! По само една година од неговото владеење и на помалку од половина на владејачкиот мандат на неговиот СДСМ!
Премиерот намесник Димитар Ковачевски мисли дека може да се амнестира од досегашното владеење на неговиот СДСМ и континуитетот од шест години да го претвори во дисконтинуитет. А, не. Работите не одат така. Исто како што не оди така и барањето доверба од граѓаните.
Зашто, во парламентарна демократија се знае како се бара и се добива доверба од нив. На парламентарни избори и никако поинаку. Затоа, Таче ајде на избори! Немој да се плашиш од граѓаните и тоа на помалку од половина мандат.
Тие најдобро ќе ти кажат како си работел и дали можеш уште подобро или уште полошо. А, околу јасната европска визија на граѓаните ич немој да се сомневаш. Таа е јасна како бел ден. Била, е и ќе биде. Без разлика на сите нивни определби.
Единствената дилема е дали ќе успееш бугаризацијата на Македонците да им ја продадеш како нивна европеизација, што ќе значи откажување од нивната самобитност, историја, култура, традиција, обичаи, верувања, фолклор…политички да ги претвориш во новокомпонирани „северномакедонци“, кои немаат ништо заедничко не со античките, туку со Македонците до 1944 година.
И Таче како тоа одеднаш апатијата не е решение?! И за што!? Не можеш да помислиш или да се запрашаш на што е резултат таа апатија!? Заборави на политички монтираните процеси? Заборави на процесот за настаните од 27 април и вековните пресуди за непостоечко дело тероризам?
На процесот за „организаторите“? На Гордана Јанкуловска, која лежи в затвор заради набавка на мерцедесот во кој сега ги возиш сите високи гости од Европа? На пукањето со гумени куршуми, фрлањето шок-бомби и тепањето на обичниот народ, кој не се согласуваше со промената на Уставот за промена на уставното име? На еднократниот закон за аболиција?
На одлуката на скопска Апелација за „Таргет-тврдина“? Мислиш дека ова нема свој удел во апатијата? Да им ја ампутираш душата на Македонците менувајќи им го идентитетот и сега да им велиш дека апатијата не е решение, во најмала рака и најблаго речено е невкусно.
Невкусно е и граѓаните да ги обвинуваш за апатија во услови кога не живеат, туку живуркаат и едвај минуваат месец со инфлација од над 20%, кога нема никаква одговорност кај власта, кога нема владеење на правото, кога не се сите исти пред законот, кога не функционираат институциите на системот, кога тој едноставно не постои, кога не можат ни лекови да си купат, кога секоја реформа станува анти-реформа, кога им даваш пасоши на најголемите белосветски криминалци, кога полицајци стануваат криминалци заштитени со закон, кога…
Списокот на будалштини е толку долг, колку што е долг твојот функционерски стаж, што богами не е така мал.
На крајот за новогодишната честитка. Искрено, мене лично најсилен впечаток ми остави моментот кога целото прекрасно семејство Ковачевски задно седна на домашниот кауч. Да не бидам погрешно сфатен, ама за миг низ глава ми мина оправдувањето на премирот намесник за најновата инвестиција на сопругата во фирмата на кумот дека со свои пари секој може да инвестира каде што сака.
Абе, како да видов македонска верзија на Бред Пит и Анџелина Џоли со нивни предбрачен договор-што е мое е мое, што е твое си е твое, заедничко немаме ништо. И ајде сега види ти на чиј кауч седеше семејството Ковачевски!?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.