Фатмир Бесими

Во 2022 година вкупните приходи се реализираа со високи 99% од проекцијата, додека расходите се нешто пониски од очекуваното. Буџетскиот дефицит е понизок за 117,6 милиони евра во однос на проектираното, или во споредба со претходната, 2021 година, за 8,7%, со што е на зацртаната патека на фискална консолидација. Реализацијата на капиталните расходи е 88%, или за над 85 милиони евра повисока во однос на 2021 година, додека во текот на минатата година е остварен рекорден поврат на ДДВ повисок за 208 милиони евра во однос на претходната година.

„Наплатата на давачките одеше согласно планираното, дури кај некои од даноците имавме значително натфрлање во однос на проекциите, како кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка со 105,4% и 117,8% реализација, респективно. Во 2022 година остварени се вкупни приходи од 243,1 милијарди денари, а реализацијата е многу блиска со проекцијата и изнесува 98,92%. Вкупните приходи се повисоки за 11,5% во однос на 2021 година“, вели министерот за финансии Бесими и посочува дека ова во голема мерка се должи на даночните приходи и придонесите, кои минатата година се реализирани со високи 99,3%, или 220,2 милијарди денари, односно за 12,2% повисоко во однос на 2021 година.

Реализацијата на даноците е 99,7% или 140,5 милијарди денари. Реализацијата кај ДДВ е 94,6%, а блиска е реализацијата и кај акцизите со 94,7%. Наплата на даноците во 2022 година е за 13,1% подобра во однос на претходната година, со најголемо натфрлање кај данокот на добивка за 45,1%, но и подобра реализацијата кај данокот на личен доход за 16,1% и на ДДВ за 11,3% во однос на 2021 година. Повратот на ДДВ во 2022 година е повисок за 42,7% во однос на претходната година, додека во однос на 2020 и 2019 е повисок за над 70%.

Реализацијата на придонесите е 77,62 милијарди денари или 98,8% од очекуваното, што во најголема мера се должи на придонесите од плати за пензиско и инвалидско осигурување со наплата од 50,6 милијарди денари. Придонесите се повисоки за 9,9% во однос на 2021 година.

Натфрлена е реализацијата и на неданочните приходи со 101,3% или 17,27 милијарди денари.

„Минатата година редовно и навремено ги сервисиравме сите обврски, а дополнително беа одвоени средства за антикризни мерки, за поддршка на граѓаните и на стопанството. Вкупните расходи се реализирани нешто пониско од проектираните и истите изнесуваат 278,59 милијарди денари или 96,57% од проекцијата, со што и буџетскиот дефицит е понизок од проектираното. Тековните расходи се остварени со 97,67%. Расходите за плати и надоместоци се реализирани со 98%, додека за стоки и услуги 87,9%, каде се рефлектираат и донесените мерки за штедење. Трансферите се реализирани со 98,8%“, вели министерот Бесими.

Капиталните расходи на крајот од 2022 година имаат реализација од 87,9% или 28,64 милијарди денари и се повисоки за 22,3% во однос на 2021 година.

„Дефицитот е реализиран со 83% од планираното, односно околу 35,500 милијарди денари, што е за 7,23 милијарди денари пониско во однос на проектираното за 2022 година. Дефицитот е понизок за 3,4 милијарди денари или за 8,7% помалку во однос на лани. Ова е согласно нашата определба како Влада секоја година постепено да го намалуваме буџетскиот дефицит во функција на фискална одржливост“, вели министерот Бесими.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.