Петар Поп Арсов

Во пауза меѓу две бесцелни и расипнички трошења на народните пари за кои што беа обвинети Ковачевски и неговата влада(онаа туристичката посета на ООН во Њујорк ионаа на винскиот фестивал во Белград), како и додека ги чекаме новите поскапнувања на основните животни продукти, би сакал да кажам збор-два за една појава за која одамна барам простор за споделување.

Таа појава е закачена за нас и нашето заедничко секојдневие. Длабоко вкоренета во општеството до степен на нејзино поимање како нешто нормално, вообичаено и дел од системот на вредности.Тоа е појавата наречена плукање, омаловажување, клеветење, подметнување, обвинување и уште по нешто од тој асортиман. Појава која што е општо прифатена (свесно или несвесно), широко распространета и масовно применувана до ниво на национален спорт. Спорт со огромен број на регистрирани и нерегистрирани спортисти, професионалци, аматери, волонтери, сеирџии и воајери. Спорт со најголем број на „спортски терени, игралишта, стадиони и арени“ во сите пори на нашето живеење.
Појава која што сите нѐ дефокусира од реалноста и вистинските цели. Нешто кое што го нагризува системот, ја девалвира реалноста и создава хиперпродукција и инфлација на лажни вести и лажни афери со што се создава амалгам со оние вистинските и кои заедно како такви завршуваат за три дена, како секое чудо.Тоа е амбиентот кој што самите го создаваме и во кој што живееме потполно навикнати на менталното загадување кое што го трпиме!

Секој човек има право на слобода на говор без страв од судски спорови, велат американците во првиот амандман од својот устав. И во Европа секој човек има право на слобода на изразувањето. Европската конвенција за човекови права вели дека ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт. Во Македонија исто така се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање итн, итн, согласно македонскиот устав.

Слободата на говор и изразување е универзално право во сите демократски земји. Тоа е принцип кој ги зајакнува другите основни човекови права и му овозможува на општеството да се развива и напредува. Сепак, некои јавно искажани мисли или идеи потенцијално можат да доведат и до навреда, омаловажување или загрозување на интегритетот на друго лице.

Слободата на говор не е неограничено право од простапричина што секој има право да го заштити својот углед. Од друга страна, правото на сопствената заштита може да ја ограничи слободата на говор на друго лице. Токму тука некаде е онаа невидлива, но исклучително чувствителна граница меѓу слободата на говор и навредата. Граница за чија што демаркација е „задолжен“ Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој што се фокусира на балансирање на овие спротивставени интереси со цел да ги заштити граѓаните од негативните последици од ширењето невистини, навреди и омаловажувања што некој ги упатил кон нив.

На прв поглед сето ова делува едноставно и законски регулирано. Но дали тоа навистина е така?

Читањето на Законот за клевета и навреда создава чувство како да сте влегле во лавиринт за да ја барате правдата при што излезот може да го определи единствено судијата кој што суди. Законот е толку „демократски и либерално“ скроен при што се стекнува впечаток дека целата правда е во рацете на судијата кој што ако посака може сѐда реши според примерот на сечењето на гордиевиот јазол, онаму кај што ќе падне мечот на правдата или можеби онаму каде што тој/таа ќе сака да падне.

Независно од тоа што законот се однесува на секој граѓанин и што сите сме потенцијални жртви и „спортски повреди“ како учесници во нашиот национален спорт, сепакда се фокусираме во текстов само на она што има импакт на нашиот поширок заеднички интерес. Тоа се јавните пари, државниот буџет и сите останати добра со кои управува власта. Во конкретниов случај власта на Ковачевски.

Неодамна Ковачевски беше обвинет, „наклеветен“ и посочен како главен актер во аферата „Броило“. Сериозно обвинување за тоа дека тој со својот кум злоупотребувале пари на граѓаните во износ од 26 милиони евра. Во првичното расчистување на овој случај во игра беше вклучена Антикорупциската комисија која како “soft power“ има задача да укаже на аномалиите и кршењето на законите. Антикорупциска, држејќи се исклучиво до формата, констатираше дека Ковачевски излегол од бизнис партнерството уште пред да стане функционер и бонбона бизнисот широкоградо му го препуштил само на кумчето. Нема основ за понатамошно постапување, а Ковачевски е невин?!

Така соопшти Антикорупциска!

Надлежностите на Антикорупциска се до тука, но од тука натаму треба да реагира обвинителството. Да реагира Обвинителството или Ковачевски да побара заштита согласно Законот за навреда и клевета и да ја чека милоста на мечот на правдата кој е во рацете на судиите. За состојбите во правосудството зборуваат бројните извештаи и оценки на релевантни меѓународни институции и воопшто не треба да се сомневаме дека Ковачевски таму ќе ја најде правдата доколку ја побара.

Но, овде не зборуваме за некакви надмудрување или меѓусебно навредување на социјалните мрежи на реални или имагинарни ликови. Зборуваме за 26 000 000 евра, пари кои што се повеќе од доволно сериозен износ за да се активира Обвинителството и да утврди што е што и кој е кој во приказнава. Зборуваме за 26 милиони евра кои се јавен интерес.Не е доволно да се соопшти дека Ковачевски формално ја напуштил неговата поранешна компанија и тука да застане се. Потребно е да се утврдат сите детали. Да се утврди дали и како комуницирале кумовите? Дали тоа било директно или преку посредници? Кои се лицата за врска и дали воопшто ги има? Како тоа токму компанијата во која претходно партиципирал Ковачевски добила на располагање 26 милиони евра? Тоа се пари со кои можат да купат многу сериозни бизниси и бизнисмени кои работат со години и години. Каде е тука моментот на непотизам кој го занемарува Антикорупциска и кој треба да биде појдовна основа за нејзиното постапување, но и основа постапувањето на Обвинителството кое што треба да следи во периодот?!

Оваа афера не може туку така да заврши! Не смее да биде маскирана во секојдневната продукција на скандали, афери и бизарни спинови од типот на посетата на Нивес кај Стево со цел одвлекување на вниманието од аферите на македонските политички капиталци. Во овој случај или ќе има одговорност за Ковачевски или ќе има негова заштита од неосновани обвинувања. Ако ништо повеќе ќе се направи исчекор кон сузбивање на појавата на неосновано плукање и клеветење кое што е нашиот национален спорт. Обвинителството е на потег.

Веќе е неприфатливомакедонските институции, земја која што демек ги започнала преговорите со ЕУ, да игнорираат вакви укажувања ида ги оставаат во сферата на неразјаснети скандали, евентуалнилажни обвинувања, збор против збор и збудален народ од постојаното бомбардирање со наводи за криминал кои остануваат неразјаснети. Сега кога започнува скринингот на ЕУ е моментот да се дефинира онаа тенка граница меѓу слободата на говор и посочувањето на малверзациите на највисоките државни функционери, од една страна, и нивната заштита од неосновано обвинување и клеветење, од друга страна. Мора веќе да се стави крај на оваа инфлација на неразјаснети афери и скандали во чиј што амбиент навикнавме да живееме со целосно затапени чувства за заштита на сопствениот интерес изразен преку заштита на нашите заеднички пари, парите на граѓаните. Слободата на говор не смее да биде жртва на слободата на клеветата и слободата на криминалот. Недопустливо е да се продолжи со игнорантскиот однос кон евентуално сторениот криминал или кон евентуално лажното обвинување.

Или е едно или друго! Мора да се расчисти!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.