Петар Поп-Арсов

 

Украина! Мачна тема!

Многу текстови се напишаа, многу информации се прочитаа за случувањата во Украина. Повеќето во функција на пропаганда, фабрикувани, некои сензационалистички, а некои веројатно точни и непристрасни. Но, само некои. Кој би може да ги распознае во моментите на нивна конзумација. Расфрлани во изобилството на лажни вести и пропагандистички памфлети претставуваат само обична искра во мракот која згаснува во истиот момент загушена во димната завеса на информативната војна.

Можеби овде во Македонија не сме дел од вистинската војна и разурнувачкото дејство на барутот, но дефинитивно сме дел од глобалната информативна војна која беснее и на нашите простори и која што целосно го заслужи епитетот Светска. Повеќето од Македонците молкум ги следат случувањата во Украина задржувајќи го сопственото мислење за себе или за најблискиот круг од сопственото опкружување, но гласното малцинство на поединци, медиуми и политичари не само што е дел од информативната војна, туку игра активна и забележителна улога, фаќајќи приклучок кон една од спротивставените страни. Гласни се, сеприсутни, го контаминираат секое парче од етерот, оставајќи минимум простор за мисловен процес и здраво резонирање кај сите оние кои со внимание ја следат најголемата закана за човештвото од Втората светска војна навака.

Затоа е ризик да се пишува на оваа тема. Ризик да се остане непрочитан во инфлацијата на текстови. Зарем „нормален човек“ ќе има нерви да прочита уште еден текст во мноштвото на темата Војната во Украина?! Секој заинтересиран читател што ги чита овие редови веројатно веќе прочитал се што се однесува на руско-украинската војна и затоа овој текст нема амбиција да информира (поверојатно да дезинформира заради ограничените извори на веродостојни информации), туку има за цел да дојде до заклучоци за улогата на непосредно и посредно инволвираните страни и во однос на тоа што можеме да очекуваме во иднина.

Почетокот на воените дејствија, кои долго време беа најавувани како неизбежни од страна на САД и поедини европски земји, највеќе ги изненадија оние кои што најмалку требаше тоа да бидат, членовите на државниот врв на Украина. Нивниот почетен шок, кој резултираше со брз упад на руските сили, дури до портите на Киев, предизвика лавина на почетни прогнози во западните земји кои што во најоптимистичките предвидувања говореа дека Киев ќе падне за деведесет и шест часа. Неверојатни беа тие почетни прогнози на разни аналитичари кои од Вашингтон предвидуваа дека војната ќе биде исклучително кратка. Тука не се работи за тоа колку ќе трае војната туку за односот на НАТО земјите кон своите украински штитеници и придонесот кон кревање на нивниот одбранмбен морал. Јавно да изјавиш дека Киев ќе падне за четири дена може да се смета за класична субверзивна активност која повеќе оди во прилог на непријателот отколку на оние кои што ги „поддржуваш“. Зачудувачка беше и првата порака на британскиот премиер Борис Џонсон кој уште во првите два дена му понуди гостопримство и азил на украинскиот претседател Зеленски во Лондон.

Тоа беа збунувачки пораки кои со својата парадоксалност се косеа со здравиот разум и очекувања за една таква ситуација. Човек едноставно се наоѓаше во недоумица за тоа кој кого овде поддржува, кој за кого навива и кој кого бодри за да истрае и издржи во судирот. Тоа беа директни повици за кревање на бело знаме од оние кои што само до претходниот ден дава политичка, материјална, морална, а највеќе од се, поддршка во оружје за одбрана на Украина. Тоа беа тие први два дена од војната во кои секој што и малку се разбира од конфликтни ситуации можеше слободно да се праша за која страна работи пропагандната машинерија на Евроатлантскиот сојуз.

Односите меѓу НАТО и ЕУ од една страна и Русија од друга страна го достигнаа најниското ниво кое што го памтиме од уривањето на Берлинскиот ѕид до денес. Дипломатијата целосно потфрли, но во замена си најде нова разонода. Разонода во вид на блокади, притисоци, санкции, цензура и прогласување на непријателски земји. Настрадаа спортот, уметноста, културата и протокот на информации како колатерална штета на нечистата совест поради неспособноста на оваа генерација на светски лидери. Исфрлањето на Русија од Евровизија, одземањето на црниот појас на Путин или затворање на сендвичарaта McDonalds во Москва се само козметички третман на отворената рана на украинскиот народ и граѓани, независно од нивната јазична, етничка или политичка определба. Нивните страдања се неспоредливи со т.н. санкции кои што во првиот бран имаа исклучиво внатрешно употребна вредност за западните демократии отколку што тоа реално можеше да ја погоди Русија до степен на нејзино одвраќање од оваа авантура.

Ескалацијата на судирот и неговото пролонгирање, жилавиот и неочекуван украински отпор придонесе да се зголеми притисокот кон Русија со воведување на се поконкретни санкции кои иницираа кохезивни процеси кај европските и евроатлантските партнери. Многумина искоментираа дека Путин успеа да ја обедини Европа и Евроатлантскиот сојуз како никој и никогаш порано. Таков беше впечатокот од потезите кои што беа повлечени во деновите по почетниот шок и збунетост од страна на европските сојузници.

Но, дали таа обединетост има монолитен карактер или сепак има пукнатини кои можат да ја искомплицираат европската и евроатлантската позиција и нивната монолитност?!

Европските земји, независно од Унијата во која се наоѓаат, секоја има свој посебен државен интерес. Досегашното искуство покажа дека посебниот државниот интерес на секоја членка на ЕУ е секогаш пред интересите на Унијата. Тоа се покажа во однос на прашања кои за таа структура на држави имаат минорно значење како заедница, но и како единки. На пример, проблемот со името, и од скоро проблемот со македонскиот јазик, се теми кои претставуваат прашање на постоење или не за Македонија и македонскиот народ, но за една Шведска, Финска, Шпанија, Франција или Германија се прашања кои воопшто не ги засега интересите на нивните граѓани. Факт е дека ЕУ се сопна и долго време стои заглавена на македонскиот проблем кој сè уште не може да го реши, оставајќи да доминира посебниот „државен интерес“ на поедини земји членки. Една Македонија не можат да решат кон која самите земји членки на ЕУ креираат спорни прашања, тие ќе ја решеле Украина која веќе целосно е осакатена, без контрола на сопствената територија, со огромен број бегалци и жртви кои допрва следат. Згора на се, ќе разгледуваат можно членство во Унијата на оваа земја. По критериумите од Копенхаген, зарем не?! Лицемерие на максимум!

Како ќе се развиваат настаните кога на ред веќе доаѓаат прашања од кои зависат граѓаните на ЕУ членките или, на пример, прашања кои се однесуваат на нормалното функционирање на сите оние ЕУ членки кои се енергетски зависни од Русија? Може само да претпоставиме. Фактот дека енергетската врска меѓу Германија и Русија и понатаму функционира, говори за тоа дека најголемата ЕУ членка ќе ја поддржува Украина во судирот со Русија, но не на своја штета.

Истото важи и за Франција, чиј претседател Макрон оддржува редовен контакт со Рускиот претседател Путин. Малку е веројатно дека Макрон и Франција толку бргу го заборавија „ножот в грб“ што неодамна го добија од сопствените сојузници САД и Британија преку проектот АУКУС, за кој веќе пишував во една од претходните колумни. Сигналите говорат дека Франција опонира на иницијативата за исфрлање на Русија од Советот на Европа со што се создава пукнатина во „монолитниот“ европски сојуз против Русија. Така беше и во однос на руската анексија на Крим, кога почетната цврста монолитност и унисоно инсистирање Русија да се повлече од Крим, со тек на време омекнуваше, а европските земји една по една полека го вртеа својот поглед на друга страна.

Британскиот БРЕГЗИТ, кој се случи во меѓувреме, го ослободи Обединетото Кралство од обврската да учествува во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со што доби целосен суверенитет на сопствените политики. Затоа Британија денес претставува најекспониран поддржувач на Украина и без задршка ги спроведува сите политики кои имаат за цел да и помогнат на оваа земја. Сите освен една, директното вмешување во судирот. Испораката на оружје, иницијатаивата за троен сојуз меѓу Британија, Полска и Украина и отворената поддршка (со елементи на подбуцнување) кон Полска да ги отстапи сопствените воени аеродроми на украинската авијација, ја прават Британија моторна европска сила во заложбите против Русија.

Интересен беше полско-американскиот пинг-понг со полските авиони МИГ-29 од руско производство. Имено, американско-британската „поддршка“ кон Полска да и ги отстапи сопствените авиони на Украина наиде на луциден одговор од полска страна кои рекоа дека бесплатно и ги отстапуваат овие авиони на американската авијација, а таа може слободно да и ги подари на Украина и истите да полетуваат од американските бази во Германија, кое што експресно беше одбиено од САД.

За тоа зборувам. Тоа е таа европска и евро-американска монолитност во однос на украинската војна. Заклучокот ви го оставам на вас кои истраавте во читањето на текстот до сега.

Продолжуваме понатаму.

Украина во очај уште од самиот почеток бара од НАТО пактот „затворање“ на украинското небо за летови, се разбира, за летови на руски борбени авиони. Да не беше очајот и безизлезната позиција во кои се наоѓа оваа земја, ова украинско барање можеше да се толкува како провокација и вовлекување на алијансата во директен судир со Русија со несогледиви последици. „За среќа“ ова украинско барање беше неколку пати одбиено од САД и НАТО со што уште еднаш се потврдува тезата дека Украина ќе биде поддржана само и само доколку не се  нарушени интересите на нејзините поддржувачи.

Русија направи многу грешки! Премногу! Ако веќе била спремна да оди до крај по цена на војна како што го гледаме тоа сега, првата нејзина грешка е тоа што „дозволи“ Украина да завземе непосакуван политички курс во однос на Русија уште во 2013 година. Нејзината политика и интереси беа поразени на плоштад, на Мајдан, преку протест и демонстрации, кои далеку од тоа дека беа мирни и ненасилни, но се целосно неспоредливи со она што го гледаме денес. Русија како свесно да го дозволи таквиот развој на настаните за да може да се „прошета“ низ Крим без никаков отпор од страна на тогаш дезорганизираните украински безбедносни сили. Конфликтот во Домбас, кој избувна нешто подоцна, постојано беше оддржуван во кондиција од двете страни, независно од договорите од Минск. По се изгледа дека созреаа условите секој со свои мотиви и своја сметка да тргне во акција, Украина на Домбас а Русија на Украина.

И еве кај сме. Земјата е во процес на разурнување. Русија е заглавена поради жестокиот и неочекуван украински отпор, од едноставна причина, украинската војска не е онаа истата од времето на анексијата на Крим. Од друга страна, Украина и украинското водство се изненадени од руската инвазија кое што говори за тоа дека нивната сметка пред почетокот на војната била „сметка без крчмар“. Без разлика на пропагандните обиди Зеленски да биде прикажан како херој, сепак разурнувањата, жртвите и егзодусот на Украинците говорат за тоа дека има големи промашувања во сопствената политика. Тие промашувања ги потврдува самиот тој сега, кога изјавува дека е подготвен да се откаже од НАТО членството па дури е подготвен и за изнаоѓање на решение во однос на руските барања за признавање на Крим и Домбас за онакви какви што Русија ги смета. Ова ретерирање на Зеленски говори за неговата недораснатост и неподготвеност, особено во услови кога сите релевантни разузнавачки служби информираа и алармираа дека Русија ќе нападне.

И како заклучок.

Дипломатијата дефинитивно крахираше. Оваа генерација на европски политичари и дипломати, во чиј што фокус се димениот лосос, кавијарот и шампањското, може слободно да се прогласи за промашена генерација. Ние одамна го чувствуваме тоа на сопствената кожа. Дојде ред да го почувствуваат и оние кои што ги избираат нив, граѓаните на Европа.

П.С.

И Русија е во Европа!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.