Не требаше многу време да помине, доволни беа само четири месеци, за да излезе на ачик политичката проституција на нашиот ни премиер намесник Димитар Ковачевски. А, таман човек ќе помисли дека не може да ни се случи нешто полошо од неговиот претходник и духовен водач Зоран Заев. Ама, пустото, не било така. Типично за Македонија, секогаш од лошото имало и полошо!

Денеска, на маченица Св. Ирина, премиерот намесник, на форумот на иницијативата „Македонија 2025“, ни ја манифестираше својата непринципиелна принципиелност. Ни ја манифестираше својата дволичност, својата двојна личност. Една за по дома, една за по надвор. Димитар Ковачевски Таче две во едно. Нешто како ладно инстант кафе, без шеќер. Чиста политичка проституција.

Ај за тоа што ја фалеше иницијативата „Отворен Балкан“ не може човек ништо да му забележи. Апсолутно е во право кога вели дека таа е „ произлезена од трите држави како практична имплементација на четирите слободи на проток на стока, услуги, капитал и луѓе“ и оти „ по сите основи на економската логика, иницијативата е позитивна – креира поголем пазар на капитал и економија на обем“. Исто како што е апсолутно во право кога тврди дека тоа „не претставува замена за нашата евроинтеграција“.

Но! Секогаш постои тоа проклето-НО!

Нашиот намесник премиер Димитар Ковачевски Таче првпат јавно и отворено призна дека нашиот евроинтегративен процес е „заложник на Бугарија и е сведена на зборувањето за историја, што практично гледам дека сите земји од ЕУ го оправдуваат“.

-Зборувањето за нешто што се случило пред 150 години, а не за ветувања е класична уцена и не носи никаков бенефит, рече меѓу другото Ковачевски на панел-дискусијата.

Значи, барањата на Бугарија за кревање на нејзиното вето, според Ковачевски, било уцена! И тука е апсолутно во право. Само што на таа уцена не одговара принципиелно. Зашто, на барањата со месеци веќе на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за средба и разговори на повеќе жешки теми, но и за договор за предвремени праламентарни избори ни продава некакви принципи. Не прифаќал и не разговарал под уцена! А, уцената, според него, е секогаш, во принцип, легитимното опозициско политичко барање за предвремени парламентарни избори. Друга е работата дали ќе се договорат за тоа или не. Најважно е да се разговара. Ама Таче не сака да седне ни да разговара!

И сега се поставува клучното прашање-зошто Ковачевски не го продава истиот принцип да не разговара под уцена и со Бугарија?

Не, таму намесникот премиер се однесува како послушник и добро дресирана пудлица! И со месеци вергла една иста мантра дека решението со Бугарија мора да се заснова на европски вредности. Демек, Европеец човекот. А, како може да се стигне до тие европски вредности кога Бугарија инсистира на своето читање на историјата? Ковачевски може да и забележува на Европската унија колку сака, но таа не е виновна за ситуацијата во која се најде Македонија. Виновен е неговиот претходник и духовен водач Зоран Заев, зашто не предвиде и не слушаше никого кога стави потпис на асиметричен договор, кој задира во македонскиот идентитет. Европската унија си има сосема друга вина. Затоа, Таче наш биди маж! Биди принципиелен и дома и надвор, а не да ни продаваш двојни аршини.

Денеска, на маченица Св. Ирина, се јави и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. Со писмо. Ни помалку, ни повеќе, туку до лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски! И со порака заеднички да донесат серија закони во полза на земјоделците.

Мора да се признае дека играта му е добра. Ама изведбата му е лоша!

Љупчо Путерот писмото го испраќа на сосема погрешна адреса. Не заради тоа што меѓу законите се наоѓаат и такви, што се постари и од две цели години. Напротив.

Навистина, што правеше министерот Николовски изминативе две години?! Не можеше да предвиди, исто како Заев со договорот со Бугарија, што ќе донесе пандемијата со ковид-19, енергетската криза, војната во Украина…? Или мислеше дека некој друг треба да мисли наместо него?

Ај, и за ова ќе му се прогледа низ прсти. Ама, како човек да му прогледа низ прсти на постојаните тврдења за стабилно и зголемено парламентарно мнозинство, па и на тоа дека блокирањето на работата на Собранието од страна на опозицијата било неуспешно?!

Работата е едноставна. Николовски има парламентарно мнозинство во Собранието и, според оценката на неговата Влада и партија СДСМ, блокадата е несупешна, така што никој не го спречува да си ги донесе законите од областа на земјоделието, па дури и тие што се постари од две години.

Ако Љупчо Николовски Путерот мисли дека со својата слаткоречивост во писмото до Мицкоски ќе постигне некој дневно-политички ефект се лаже. Зашто, одамна е прочитана книга. Земјоделците го знааат неговиот капацитет и веќе имаат стекнато „уметнички впечаток“ за него. Башка, тие со години мака мачат да го добијат и тоа што законски им следува, а камо ли нешто повеќе од тоа. Николовски сега „ да се бори“ за земјоделците и за повеќе храна е исто како да гои прасе спроти Божик. Којзнае, можеби тој има рецепт и за такво нешто. Ама нема рецепт, што може неговата неспособност да ја префрли на адреса на опозицијата. Политичката проституција не минува никаде, па ни меѓу земјоделците.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.