Петар Поп-Арсов

Годинава започна сосема нормално. Како и секоја претходна.

Со скандал!

Со инцидент, кошкање, тепачка, со терористички напад! Кој како милува да гледа на настаните. Има за сечиј вкус. Тоа беше еден вообичаен почеток на една македонска година.

Случувањата во М-НАВ повторно ја обединија нацијата. Ако за ништо друго, барем вниманието ни го обединија во една точка за полесно да го поминеме празничниот вакум меѓу Нова Година и Божиќ. Ако зборуваме реално, дисконтинуитетот на случувања во тие два-три дена знае да предизвика сериозна апстененцијална криза и болка кај сите оние кои што се навлечени на вообичаениот континуитет на афери и скандали од годината што е зад нас. Така е секоја година.

За среќа, со оваа власт никогаш не е досадно. Има одговор на сѐ! Секогаш е подготвена да се надмине себе си, со нови и нови креативни возбудувања. За момент можеби помисливме дека до крајот на нивниот политички мандат (пред почетокот на оној техничкиот) ќе немаме тема на која ќе можаме да им упатиме уште некоја критика, но, „за среќа“ нѐ демантираа.

И како по правило секогаш е крив некој друг или во најмала рака некој забеган поединец или помала група од нивните редови. Нивниот систем на владеење никогаш не е крив! Оваа власт е „безгрешна“. Тие секогаш имаат решение, системско решение. Тоа е терминот кој што задолжително мора прв да биде научен од секој новопечен министер на оваа власт и користен во секоја прилика до крајот на неговиот мандат во случаите кога нема да знаат да дадат конкретен одговор за конкретен проблем.

Во очекување на некое ново системско решение во однос на М-НАВ, ќе се задоволиме со почетните оценки и критики кои што ги упатија Пендаровски и Ковачевски кон оваа институција. Претседателот и премиерот добија простор да критикуваат! Фасцинантно! Оние, најодговорните од власта, Пендаровски и Ковачевски критикуваат таму некоја институција во која токму тие поставуаат и разрешуваат директори. Навистина тоа е една „бесрамна“ институција! За секоја критика!

Пендаровски дава генерална оценка за состојбите во М-НАВ со констатација дека на оваа институција и е потребен генерален ремонт. За разлика од него, Ковачевски кој што претходно побара ремот во Судскиот совет, во случајот со М-НАВ отиде во детали, лоцирајќи го проблемот во семејниот карактер на оваа институција. Човекот без никакво чувство на срам, речиси во исто време додека разрешуваше и поставуваше директори на М-НАВ на седница на неговата влада, изјави дека институцијата е загадена со семјни вработувања до трето колено.

Не дека во врска со семејната испреплетеност Ковачевски не е во право, но што стори во врска со тоа за да не биде така?! Дали како премиер на владата стори нешто да ја сузбие оваа појава? Дали на новопоставените директори им даде насоки како да го решат проблемот кој што самиот го дијагностицираше?  Разговараше ли во врска со инцидетот, тепачката или терористичкиот напад (што и да е) со своите коалициони партнери од ДУИ? Разговараше ли со идниот прв Албанец технички премиер (такво е комплетното име на функцијата) на кој ќе му го отстапи премиерското столче? Го праша ли зошто неговите отишле да тепаат?

Или можеби ништо од тоа?! Изјава како изјава, колку да се каже нешто во јавноста и да се префрли вината и одговорноста на друг?! Ковачевски и Пендаровски почувствуваа можност за критика и веднаш ја упатија според принципот плукаме во височина.

Зарем Ковачевски не гледа дека цела Македонија, сите атрактивни државни институции ни се претворени во семејни фирми?! Непотизмот владее во сите општествени пори и истиот не може да дојде на дневен ред за критика и решавање од огромниот криминал и корупција кои доминираат како доминантен вирус во нашата домашна епидемија. Непотизмот е тука, меѓу нас, но се поставува прашањето зошто до сега не беше кажан ниту збор на оваа тема од страна на највисоките владини претставници? Зошто не беше превземен ниту еден чекор за да се превенира и сузбие појавата на создавање на семејни дувла во рамки на македонските институции за време на мандатот на Ковачевски?

Ковачевски веројатно мисли дека со една лицемерна изјава ќе ја испере сета своја одговорност за проблемите кои што дозволи да се напластуваат во негово време. Тој се надева дека со една манипулативна изјава ќе се огради од партиските вработувања во високопрофесионалните институции, како што е М-НАВ.

Кога веќе ги спомнавме професионалците, ред е да кажеме дека и тие, „професионалците“, некогаш биле вработени преку партиски или лични ургенции на моќни фигури во државава (со исклучок на вистинските експерти). Зарем може некој нормален, чесен и стручен да се вработи туку-така во оваа наша земја, без да има поддршка „од горе“? Тука зборувам општо, за сите државни институции, не само за М-НАВ. Тоа што во меѓувреме во овие кадри биле вложени огромни финансии за да стекнат знаења и вештини со кои дел од нив успеале да се профилираат во експерти корисни за државата, не значи дека некогаш, на нивните почетоци, не биле партиски и семејни кадри. Тоа е македонската реалност.

За жал, мал е процентот на кадри во државните институции кои имаат вистинска амбиција да научат нешто и да се издвојат од масата административци кои функционираат по принципот „клати врата, земај плата“. Оваа констатација не е ниту нова, ниту пак е од вчера. Од вчера е откритието на Пендаровски и Ковачевски дека состојбата во македонските институции е за ремонт. Тие двајцата од вчера се ставија во нова улога, опозиција на власта. Опозиција на самите себе. Од вчера започнаа да се критикуваат за нештата кои што самите не ги сработале. Нивните вчерашни изјави се потврда за она што најдобро знаат да го работат, критизерство и лицемерие. Тие изјави ја детерминираат нивната природна средина и припадност, опозицијата. Тоа е доказ дека тие најдобро се чувствуваат во опозиција, онаму каде што нема да мораат да сработат нешто, ниту пак да сносат некаква одговорност. Одговорноста и обврските кои што со себе ги носи власта се терет за нив.

Проблемот во Македонија не е само во М-НАВ, Судскиот совет или во третиот ешалон како што беше на времето. Проблемот е сеприсутен, насекаде околу нас. Пендаровски и Ковачевски се во право. Навистина е потребен ремонтот како што велат. Но, не само парцијално како што тие велат, туку по цела вертикала и хоризонтала на државата, почнувајќи од нив двајцата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.