Петар Поп-Арсов

Уште еден извештај на Европската комисија за напредокот на земјата кон ЕУ е пред нас. Ставен на увид пред целата јавност, која веќе има богато искуство во читањето и толкувањето на пораките сместени во годишниот рапорт на бриселската бирократија. Извештај како извештај, три напред – две назад! Добри сте, ама не чините. Со копенхашките критериуми горе-долу добро стоите, ама заостанувате со софиските, впрочем како и со атинските претходно. Класика, фолклор, ништо ново и спектакуларно.

Многу е важно уште на почетокот да се каже дека овој извештај опфаќа едногодишен период во кој Македонија имаше транзиција на власта и е предводена од две различни влади. Поради тоа, секое толкување на соддржината на извештајот во функција на меѓупартиски пресметки, е несоодветно и неприменливо. Оценките во извештајот не можат да се поделат на позитивни или негативни постигнувања за кои што се заслужни едните или другите како што до сега тоа беше пракса при објавувањето на секој извештај на Европската комисија.

Затоа, до наредниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, единствен релевантен „извештај“ кој ќе биде на сила е оној на македонските граѓани кои што го испорачаа на парламентарните избори оваа година. Каков ќе биде нивниот нов „извештај“ и дали истиот ќе се совпадне со оценките на ЕК, ќе видиме следната година наесен?! До тогаш, може слободно да кажеме дека европската перспектива на Македонија е жива и тоа веќе јасно се гледа!

Независно од неодамнешното раздвојување на Македонија со Албанија на почетокот на преговорите, процесот останува отворен и исклучително динамичен. Перспективата е јасна наспроти бројните критики и негативни коментари кои што беа упатени на адреса на македонската влада како резултат на албанскотоисчекорување напред.

А, што може да се каже во ваква ситуација? Критикуваат оние кои бараат начин да се исперат од својата одговорност поради негативениот контекст на македонските интеграции кои што самите го наметнаа. Критикуваат оние кои што нѐ убедуваа дека државата започнала со преговорите уште пред неколку години. Критикуваат оние кои што прифатија обврски за кои што не беа кадарни да ги испорачаат. Тоа е таа македонска реалполитика која игра на картата на кратко паметење, само и само да би се оствариле краткорочни интереси на една мала група политички натрапници кои ги имаа запоседнато највисоките државни функции.

Перспективата е жива! Самото доаѓање на Урсула Фон дер Лајен во Македонија е најголемиот доказ за ваквото тврдење. Македонија не може да се пофали со многу посети на претседателите на Европската комисија во минатото. Претходно беше премија понекогаш да бидеме посетени од Комесарот за проширување и за тоа се зборуваше и пишуваше со денови како за врвен дострел на македонскиот евроинтегративен процес.

Но, без разлика на нејзината посета или на сите претходни посети на официјалните претставници на ЕУ, ние не смееме нереално да гледаме на работите и ваквите посети да ги доживуваме како круцијални одредници за понатамошниот тек на македонските евроинтеграции. Едноставно кажано, претседателката на ЕК дошла во земјата кандидат, пратена е пораката за партнерскиот однос и меѓусебната соработка, и тоа е тоа. Се затвора темата за тоа дека некој не сака евроинтеграции или пак демек ЕУ има политички миленици во Македонија, од една страна, и други кои „не ги обича“, од друга страна.

Од тие причини, добро ќе бидеако ние како граѓани и севкупно општество на македонските евроинтеграции пристапуваме и гледаме на малку поинаков и покомплексен начин, поразличен од оној што до сега го имавме. Мора да престнеме да ја идеализираме ЕУ и почнеме да ја гледаме исклучиво како нешто во кое што ќе ги реализираме нашите интереси, а не обратно.На евроинтегративниот процес ќе мора да гледаме како на нешто кое што не зависи само од нас и од нашата решеност и амбиција да пристапиме кон ЕУ како држава и народ со сопствен политички и национален идентитет.

Ќе мора да почнеме да гледаме на начин со кој што ќе ги намалиме очекувањата од спектакуларни резултати после првото дофаќање на морковот ставен пред нас, ниту пак ќе го доживуваме како национална трагедија стапот кој што ќе ни го удрат, како раздвојувањето со Албанија во случајов.Ние треба да ја играме сопствената игра, сопственото оро и само така може да го движиме процесот, независно од тешкотијата која што со себе ја носи.

Радува фактот што наративот во македонската јавност станува прилично зрел и адекватен на реалноста во која што се наоѓаме. Најголемиот дел од јавноста е свесен за состојбата во која што сме доведени и затоа во тој правец ја движи дебатата во однос на ова прашање. Неоснованите критики стануваат маргинални и изолирани, а повиците и апелите за безуслувно прифаќање на сите уцени и притисоци заради „брзото“ евроинтегрирање полека исчезнуваат како некое ехо од минатото. Дали тоа значи дека и најголемите еврооптимисти,кои во минатото врескаа за ЕУ по секоја цена, стануваат свесни за реалноста како новопечени „оптимисти со искуство“?! Впечаток е дека остануваат маргинални, тивки и полека се приклучуваат кон наративот кој произлегува од суштинскиот интерес на граѓаните.

За почеток тоа е добро, ќе помогне во изградбата на консензус и оформувањето на заеднички став кој ќе го отсликува интересот на македонските граѓани. Постојано зборуваме дека токму таквиот консензус во однос на виталните државни интереси е нешто што ни недостасува, а примерите за таквото однесување ги посочуваме кај нашите соседи кои секогаш настапуваат со здружени политички сили за прашањата кои што се однесуваат на нивните национални интереси.

Треба да се огледаме на Словенија, па и на Хрватска, земји кои што ЕУ ја доживуваат на многу прагматичен начин. Земји кои што ја доживуваат како заедница од која гледаат што можат да добијат и да извлечат некаква полза, исто онака како што ја гледаа СФРЈ додека бевме заедно. Нашиот пристап кон ЕУ треба да биде ист како и нивниот, а не да го повторуваме оној што го имавме во СФРЈ односно најпрвин да се грижиме за заедничките, а дури потоа сопствените интереси. Верувам дека оние што подолго помнат ќе се согласат со ваквата констатација.

Од тие причини и Македонија треба да гледа на своите евроинтеграции на таков начин, а јавниот дискурс да се движи во тој правец. Таквиот заеднички пристап и јавен дискурс ќе и помогне на секоја владејачка гарнитура во нејзините напори за остварување на националните интереси. Нас треба да нѐ интересира нашиот бенефит интегриран во заедничкиот, но никако само заедничкиот на штета на сопствениот. Треба се бориме да го зачуваме политичкиот и националниот идентитет на државата и на народот кои се загрозени од постојаните блокади и уцени, но во исто време да не го заборавиме и економскиот интерес и се она што оди во тој пакет. Комплицирано, но мора да има движење.

Земајќи ги сите параметри во предвид, секоја подлабока анализа на извештајот во овој момент, во најмала рака е дискутабилна. Секоја темална анализа во услови кога одлуките и извештаите на една историска комисија се посилни од извештаите на Европската комисија, е надреална и апсурдна. Во услови кога ставот на едната страна од историската комисија истовремено може да претставува и копенхагеншки и бриселски критериуми за нашите евроинтеграции, читањето на извештајот на ЕК не може да се доживее поинаку освен како читање на нешто кое што претставува годишна обврска на евробирократите за да ја оправдаат својата плата.

Толку и ништо повеќе!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.