Петар Поп-Арсов
Да, кој го пали Косово… и зошто?
На кого му одат во прилог случувањата од неделата на 24 септември? Кој ја опреми и вооружи групата која што го предизвика судирот на северот од Косово? Кој и пружи логистика, каде се подготвувале и каде се сега припадниците на оваа група?
Ова се неколку прашања чии што одговори можат да ја решат загатката, но најчесто одговорите се во доменот на шпекулациите, меѓусебните обвинувања и потребата за постигнување на пропагадни цели. Дали ќе ги добиеме вистинските одговори или ќе добиеме нешто кое што ќе има за цел да ја смири или дополнително зголеми тензијата, ќе видиме во наредните денови. Како и да е, одговорите можеме и самите да ги побараме од јавно достапните информации и самите да извлечеме заклучоци врз база на анализа на она што можевме да го слушнеме и видиме.
А што видовме?
Првин го видовме косовскиот премиер Курти. Не му ги разбирам изјавите на албански јазик и какви пораки испраќа, но она што го зборуваше на српски беше сосема некарактеристично за него како политичар кој што за себе постојано создаваше имиџ на ултранационалист со тврди ставови. Да, Курти се обрати на српски! Повикуваше на смирување на тензиите. Беше сосема различен од оној Курти кој што при секое претходно зголемување на тензиите се закануваше со примена на сила и испраќање на полиција на северот од Косово. Во неговата првична изјава беше дури и воздржан во обвинувањата кон Србија и српскиот претседател Вучиќ. Барем не го слушнавме во толкава мера она што по правило би го очекувале од косовскиот премиер во такви моменти, жестоки напади, обвинувања и закани кон спротивната страна.
Курти беше резервиран, неагресивен, дури можеби и недоволно информиран за тоа кој всушност ја контролира вооружената група. Ова последново можеби кај него предизвика доза на несигурност и внимателност при обраќањето во јавноста на српски јазик. Примерите со отворање на нови жаришта на судири во светот, како што се последните во Азербејџан и Нигер, или претходниот во Судан, во комбинација со недоволните и непотполни првични информации, беа доволна причина да го видиме Курти во едно поинакво светло. Самиот чин на обраќање на српски јазик, всушност е порака која оди во правец на спуштање на тензиите и потребата од намалување на опасноста од понатамошно ескалирање на конфликтот. Сосема несвојствено за Курти.
Вучиќ го чекавме да се произнесе дури во неделата навечер. Видно вознемирен и нервозен, со недоволно дефиниран став и крајно внимателно промислување на она што го говореше во моментот. Тој делуваше како човек кој нема контрола над случувањата. Исто како Курти! Делуваше како човек во чиј двор и соседството влегле трети лица кои имаат за цел да ги одбранат неговите интереси и позиции, а тој самиот не ги повикал. Вучиќ беше „ни ваму, ни таму“. Газеше по една тенка линија над која делуваше како да на момент ќе ја загуби рамнотежата и ќе започне со обвинувања, напади и зголемување на тензиите, а на моменти дека ќе падне во бездната на другата страна од линијата и оставање на Србите на Косово на милост и немилост.
Независно од тоа што беше „и ваков и таков“, независно од тоа што истовремено беше и тврд и флексибилен, на моменти дури и мек, неговата изјава може да ја толкуваме како внимателна, одмерена и изјава која придонесе за смирување на тензиите. Тоа не беше оној Вучиќ кој на крајот на месец мај оваа година, со сопствена наредба ги дигна авионите и хеликоптерите на српкото воено воздухопловство да летаат во близина на Косово. Тоа не беше истиот Вучиќ кој за миг ја крена воената готовност на српските вооружени сили. Тоа не беше истиот оној Вучиќ од пред некој месец кога српската полиција уапси неколку косовски полицајци на наивната меѓусебна граница.
Ова беше поинаков Вучиќ, со поинаква реторика, барем онаа прочитана меѓу редови! Ова беше Вучиќ, кој независно од тоа што како човек покажа дека чувствува силна болка заради загинувањето на Србите во судирот, тој како политичар сепак изрази сочувство на семејството на загинатиот косовски полицаец. Тоа не беше претседателот Вучиќ кој има контрола над сѐ и излегува од фрижидер. Тоа беше Вучиќ кој делуваше како да има недостаток на информации и дека не може ништо конкретно да каже и направи во моментот. Така и кажа, „Ќе ја следиме ситуацијата и допрва ќе носиме одлуки“.
Интересно беше и однесувањето на СПЦ, односно Рашко-призренската епархија. Тие првите информира за присуството на вооружени лица во манастирот Бањска и веднаш го осудија таквиот чин. Изразија незадоволство од настанот и изразија сочувство за загинатиот полицаец.
Тоа беше поинаква СПЦ! СПЦ која повикува на мир, спуштање на тензиите и на недолевање на масло на огнот на верска основа. Тоа беше СПЦ која не ги подигна трите прста за да повика на конфронтација и верски судир. Тоа беше СПЦ која што се грижи за духовната димензија на своите верници и која, како и косовскиот премиер и српскиот претседател, даде сопствен придонес во намалување на тензиите.
Таков е барем првичниот впечаток за сите три институции за кои зборуваме. Какво ќе биде нивното однесување понатаму, тоа е сосема друго прашање кое ќе се анализира во иднина.
Релативно воздржани и одмерени беа и претставниците на ЕУ и САД од една страна, како и оние на Русија од друга страна. Разбирливо е дека секој од овие центри на моќ дава оценки и толкувања во правец на исполнување на сопствените интереси, но факт е дека овие првични изјави можеа да бидат далеку порадикални, воинствени и поттикнувачки за понатамошна ескалација на конфликтот.
Што би можеле да заклучиме од кажаново и дали ќе ги допреме одговорите на прашањата кои што ги поставивме на почетокот?
Најважно од сѐ е тоа што сите релевантни институции дадоа придонес во смирување на состојбата. Тоа се случува можеби за прв пат откога постои косовското прашање како такво, а не постои од вчера. Исто така, важно е тоа што случајов не беше употребен за политички театар и собирање на политички поени, ниту во Косово, ниту во Србија. Србите би рекле, „враг је однио шалу“, особено кога се стекнува впечаток дека инцидентот се случува надвор од контрола на едните или другите. Стравот од непознатото секогаш е најголем, особено кога друг ти ја води играта.
Токму таа непозната во равенкава е најмистериозната и најзастрашувачката компонента од случувањата во неделата на 24 септември. Отсуството на одговор на прашањата за тоа кој ја вооружи групата, кој ја подготвуваше и кој и пружи логистика е она што сите треба да нѐ загрижи сите нас и да ја зголеми будноста на безбедносните структури во целиот регион. Европа и светот се во сериозни превирања, тензии и војни. На никому не му оди во прилог отворање на воен конфликт на Балканот, особено не на нас балаканците заради остварување на туѓите интереси преку водење на прокси судири во кои најдебелиот крај ќе го извлечеме сите заедно… во пакет.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.