Петар Поп-Арсов

Веќе постојано повторуваме дека 2024 е изборна година речиси во целиот свет. Да бидеме поконкретни и попрецизни, оваа е годината на избори во светот во кој што припаѓаме, за кој што сме заинтересирани, економски поврзани и културно интегрирани. Избори има во земјите кои што имаат глобално влијание насекаде низ светот, вклучително и врз нас и нашата држава како дел од глобалната заедница.

Избори ќе има во САД, во Европската унија, избори имаше во Русија. Дури и во Украина, земјата во која се води жестока војна, според некоја логика и демократски ред 2024 би требало да биде изборна година. Избори има и тука на Балканот. Во Србија завршија, во Хрватска се подготвуваат исто како што се подготвуваат и кај нас во Македонија.

Ако ништо друго, ќе биде интересно во текот на целата година.

Во Русија изборите завршија вчера. Што да се каже, а да се остане коректен и аналитички непристрасен? Резултатите се очекувани, без изненадувања. Проследени со несвојствено голема доза на рамнодушност кај западноевропските земји, која оди до граници на незаинтересираност и немоќ во нивната вообичаена пракса да дадат свој придонес и влијание врз демократските процеси во довчерашната земја членка на Советот на Европа, Русија.
Каде отиде светот за само две години?!

И во САД се одвива сѐ „според планот“. И таму нема никакви изненадувања во поглед на финалистите кои што ќе го трчаат последниот круг. Речиси е извесна повторната пресметка меѓу двата американски претседатела, сегашниот Бајден и поранешниот Трамп.

Американските избори, навидум имаат посериозно влијание врз внатрешната и надворешната политика на земјата за разлика од тоа што беше случај со Русија. Според она што е видливо може да забележиме дека во највисоките американски институции се проблематизира воената поддршка на Украина и се намалува испораката на воена опрема, оружје и муниција, иако според интензитетот на судирите во Украина тоа во пракса не изгледа така. Дали се работи само за предизборно прегрупирање или за суштинска промена во американската политика, ќе може да видиме дури по есенските избори. До тогаш американското внимание ќе биде растегнато помеѓу внатрешните состојби во Америка, преку замрзнатите тензиите меѓу Кина и Тајван, одмрзнатите судири во Газа и Јемен, па се до војната која врие во Украина.

И во Европа ќе има избори. Најинтересни ќе бидат оние за избор на пратеници за новиот состав на Европскиот парламент. До сега Европа се однесуваше прилично комотно и лагодно. Малку лево, малку десно, три напред, две назад, сега ние, утре вие, па потоа заедно во коалиција. Така некако изгледаше периодичното менување на власт на умерената десница и умерената левица.

Но како ќе биде сега?

Испитувањата на јавното мнение ширум земјите членки на ЕУ говори за тоа дека изборите за Европскиот парламент во 2024 година ќе доведат до големо поместување кон десно во многу земји членки на ЕУ. Повеќе популистички и радикално десничарски партии ќе добијат свои места во Европскиот парламент, додека партиите од левиот центар и зелените ќе загубат значителен дел од гласовите.

Според прогнозите на релевантни истражувачи на јавното мнение, речиси половина од местата во ЕП ќе ги заземат европратеници кои припаѓаат на партии кои не се дел од т.н. „супер голема коалиција“ на трите центристички групи претставени преку Европската народна партија (EPP), Европските социјалисти (PES) и Обновена Европа (порано познати како ALDE). Десничарската коалиција на демохристијани, конзервативци и европратеници од радикалната десница би можела за прв пат да се појави како мнозинство во Европскиот парламент. Тоа е сериозно и остро вртење кон десно кое е испровоцирано од досегашната политика актуелната европска политичка елита.

Се поставува прашањето, дали Европа ќе остане истата онаа која што ја познававме и кон која се стремиме уште од почетокот на нашата самостојност како држава? Дали европската нерешителност, во поглед на проширувањето на ЕУ кон Балканот, ќе се претвори во целосна европска неспособност да го стори тоа исклучиво како последица на политичките промени кои што ќе настанат таму? Постои можност, да не кажеме опасност, изборите за пратеници во Европскиот парламент да и го одземат на ЕУ „морковот и стапот“ кој што како алатка со години и децении беше користен во односите со земјите од Балканот. Веќе ќе нема ниту морков ниту стап, не затоа што некој таму во Брисел не сака да го има, туку затоа што не може повеќе да го има.
Ниту уставните измени, ниту признавањето на Косово, реформите, борбата против корупцијата или пак исполнувањето на копенхашките критериуми ќе бидат доволни за Европа да смогне внатрешна сила со која ќе им овозможи непречена интеграција на балканските земји во ЕУ. Тешко ќе се пронајде онаа златна средина која на Европа ќе и овозможи да се справи самата со себе во услови кога е растргната помеѓу две крајности, подготовката за Олимписките игри во Париз и подготовката за војна во Украина.

Од тие причини е сосема разбирлива иницијативата на неколкуте американски сенатори кои поднесоа Предлог резолуција за поддршка на Соединетите Американски Држави за пристапување на Македонија во Европската Унија. Тие со Резолуцијата ги повикуваат претседателот и државниот секретар на САД, како и нивните европски сојузници да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со Македонија без дополнителни билатерални услови.

Ако ги земеме во предвид претходно посочените предвидувања за исходот на изборите за Европскиот парламент, може слободно да кажеме дека оваа инцијатива во американскиот Сенат е сосема логична и укажува на тоа дека ова се последните моменти кога Македонија може да ги започне преговорите со ЕУ. Дали и кога ќе ги заврши, тоа е сосема друго прашање. Овде зборуваме за обичен почеток на преговорите со кој ќе се прати политичка порака дека на Македонија се гледа како на дел од европското семејство. Понатамошниот процес на преговори со ЕУ, такава каква што ќе биде после изборите во 2024, е приказна за себе, веројатно многу покомплицирана од онаа која што ја гледавме до сега.

Доаѓаме и до изборите кај нас. Тука работите се значително појасни, особено во однос на поддршката на македонските гласачи на политиките кои земјата ја држат на европскиот пат. Десницата има значителна предност и најголеми шанси за победа на изборите и формирање на влада. Тоа е истата онаа десница која прва го проектираше европскиот пат на земјата како државен субјект во кој што живеат суверен народ и граѓани. Тоа е истата онаа десница чија што влада беше оценета како влада под чие што водство земјата ги исполни сите критериуми за почеток на преговорите со ЕУ уште во 2009 година.

Значи нема непознати, нема изненадувања, нема доминација на антиевропски политички екстреми како што тоа е случај во самата Европа. Затоа, може уште еднаш да кажеме, Резолуцијата на американскиот сенат во однос на Македонија е нешто логично, нешто најмалку што може да се направи за земјата која што на своја штета даде сериозна жртва со прифаќањето на сите оние договори со кои даде сериозен придонес, пред сѐ, за мирот и стабилноста во овој дел на Европа и особено за задоволување на нерационалните и неевропски политики кои ни беа наметнувани од земјите членки на самата ЕУ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.