Васко Шутаров

Во почетокот на октомври 1989 година, британскиот амбасадор во тогашна Западна Германија, пишува депеша до Форин Офисот во Лондон, дека според негови проценки, Берлинскиот ѕид нема сигурно да падне барем уште цела деценија, а можеби и деценија и пол!

Веќе на 9 ноември 1989,  ѕидот кој физички го раздвојуваше источниот од западниот Берлин полни дваесет и осум години и еден ден, сепак, падна! Ѕидот и комунистичкиот Исток не паднаа пред моќта на западното модерно вооружување, туку под налетот на незадржливата, ненаметлива, а толку привлечна моќ на западните слободи и права, економската благосостојба, културата на живеење, како и пред уметноста, филмот и забавата преку кои тие идеи и вредности беа промовирани.

Холивуд и Харвард, Кока Кола и Мекдоналдс, Мајкрософт и Ем-Ти-Ви, џезот, рок и поп-културата, Битлси, Стоунси, Дорси, хипи-движењето, џинсот и слободите во модното изразување, раскошната понуда на автомобилската индустрија, блескавата привлечност на индустријата за забава, а сето тоа заедно спакувано како единствен продукт,  наречен културна дипломатија, ги собра ловориките на победата на капиталистичкиот Запад, наспроти комунистичкиот Исток!

Денес, триесетина години потоа, најдобрите поуки и лекции од културно-дипломатската победа во Студената војна, најлесно ги заборавија  победниците, а посебно САД, каде веднаш по паѓањето на комунистичката завеса, беше распуштена федералната агенција за промоција на културните вредности на американското општество! Големата победа над комунизмот, САД ги натера да поверуваат дека еднаш освоените срца и умови на народите и државите, вечно ќе бидат освоени и вечно ќе им бидат наклонети!

Денес, брзорастечките економии од Далечниот Исток одлично ги владеат најдобрите културно-дипломатски лекции и во склад со своите традиции ги модернизираат и ги интензивираат освојувањата на светот, најнапред преку културата. Јужна Кореја, Јапонија, Виетнам, Индија, Сингапур, но посебно Кина, денес ги раскажуваат своите најдобри приказни за себе, преку инструментите и алатките на културната дипломатија. „Мекото е сила“,   мисла од древниот кинески филозоф Лао Це, денес претставува девиза, преку која културната дипломатија станува претходница на секоја нова кинеска економска офанзива во светот.

Денес, веќе читаме дека Кинезите мудро инвестираат во купување холивудски студија и ненаметливо, но стратешки добро осмислено, ја освојуваат американската филмска индустрија, која низ целиот 20 век беше најмоќното оружје на американската културна дипломатија за стекнување симпатии и наклонетост ширум светот. Па некаде ќе прочитаме, дека ни филмските „Оскари“ веќе не се тоа што беа, дека планетарната милионска гледаност на церемонијата на доделување „Оскари“ од година во година паѓа или дека Америка не е повеќе моќна да произведува ѕвезди, како некогаш!

За волја на вистината, за време на короната (што е своевиден парадокс!),  гледаноста на „Оскарите“ падна и под психолошката бариера од 10 милиони гледачи, па следната година требаше да се случи шамарот на Вил Смит за повторно да порасне интересот, но и да се пробудат подзаспаните американските режисери, за да го вратат некогашниот сјај на американскиот филм и најсјajната церемонија за доделување филмски награди! Впрочем, „Оскарите“, покрај Супер Боулот, се најмоќното и најгледаното американско шоу – и нели така треба да остане, засекогаш?!

И повторно, за волја на вистината, Американците минатата и оваа година, создадоа исклучително моќна филмска продукција, која од милост некој веќе ја нарече, „Проект Барбенхајмер“!  „Барби“ и „Опенхајмер“ се филмски хитови на годината и филмска посвета кон планетарно најпопуларната американска кукла и кон таткото на американската атомска бомба, „американскиот Прометеј“, како што го нарекувааа американскиот физичар Роберт Опенхајмер.

Големото филмско враќање на Американците како лидери во културната дипломатија, симболички го означи и филмското екранизирање на животот на еден од најголемите американски композитори, диригенти и пијанисти на минатиот век, Леонард Бернштајн, со филмот „Маестро“, но и симболичното враќање на црвениот филмски тепих на еден вистински потомок на Индијанците, преку актерката од филмот „Убијците на цветната месечина“, Лили Гледстоун.

Американската мека моќ, најмоќно емитирана преку филмската уметност, се врати кон своите корени и големи брендови, но на крај (потполно фројдовски!), го овенча со најголема оскаровска слава филмот „Опенхајмер“, како своевиден романтичарски ламент кон времињата на неприкосновената американска тврда моќ, изразена преку политичката, економската и воено-атомската сила која ја имаа САД

(Зад заслепувачката филмска магија и блескавите спектакли посветени на филмот, Американците отсекогаш емитирале многу јасни и разбирливи пораки за цел свет, а нели моќта на културната дипломатија се состои токму во тоа, да допре и да освои што поширок круг срца и умови ширум светот, на наједноставен и најразбирлив јазик за сите!)

За оние филмски сладокусци кои очекуваат правда и правичност, доделувањето на „Оскарите“ не се вистинското место за тоа! Нели е доволно да се потсетиме, дека најголемите и најобожувани филмски актери меѓу двете светски војни Чарли Чаплин и Грета Гарбо никогаш не беа наградени со „Оскар“, дека убедливо најдобриот филм на сите времиња „Граѓанинот Кејн“ не доби ниту една статуетка, дека истиот касмет ги следеше филмските великани Алфред Хичкок, Стенли Кјубрик, Ричард Бартон, Кери Грант, Питер О Тул, Миа Фароу, Роберт Мичам, Бредли Купер што го глумеше Леонард Бернштајн, но најмногу големата Глен Клоуз, која и покрај 8-те номинации, никогаш нема добиено златна статуетка!

…………………………………………………………………………………………

Глен Клоуз, несомнено, е исклучителен феномен на американската филмска индустрија и препознатлив амблем на нејзината културна дипломатија. „Ме споредуваат со Мерил Стрип, ќе каже во една прилика, но никогаш тоа не се случи и во ноќта кога се доделуваа Оскарите.“

Глен Клоуз беше на врвот на својата слава, со брилијантните улоги во „Фаталната привлечност“ и „Опасните врски“, филмови кои и фатално и опасно ја заведуваа и освојуваа публиката и зад комунистичката железна завеса, во втората половина од 80-тите години од минатиот век! Денес, филмските сладокусци низ цел свет, со леснотија ќе се сетат и на нејзините неповторливо одиграни улоги како Круела Де Вил  во „101 Далматинец“ или феноменалната трансформација во машки лик, во филмот „Алберт Нобс“, а театарските сладокусци ќе се сетат барем на дузина неповторливи ликови кои Клоуз успеа да ги донесе на штиците кои живот значат!

„Што уште треба да направи Глен Клоуз за да добие Оскар“, се прашуваа милиони љубители на филмот во 2019 година, кога беше повторно апсолутен фаворит за улогата во филмот „Дружина“, но наградата повторно ù беше одземена, овојпат од Оливија Колман за улогата во филмот „Миленичката“. „Твитер“ таа ноќ просто гореше од коментари: „Глен Клоуз повторно изгуби, можно ли е ова?“ Оливија Колман, својот поздравен оскаровски говор ù го посвети на Глен Клоуз: „Ти отсекогаш беше мој идол и не сакав вечерва ова да се случи! Мислам дека си неверојатна и знам дека многу те сакам!“

Глен Клоуз веќе неколку години по ред не игра големи филмски улоги, но затоа апсолутно добро ги разбира правилата на шоу-бизнисот и успева непогрешливо да го украде големото американско шоу, и кога губи! Разбирајќи ја моќта на гледаноста на најинтересните кратки фрагменти од минута и половина, наспроти повеќечасовното досадно филмско бдеење додека се чекаат главните филмски награди, Глен Клоуз во 2019 година со заводлив „тверк“ (и покрај позните години!), успеа да го украде шоуто- оскаровското „губитништво“ не ја спречи ни за момент, да остане голема и да продолжи да мами аплаузи од милионска публика ширум светот.

Да се остане велик и да се продолжи да се раскажува сопствената приказна и кога си постојан губитник, можат само најголемите уметници! Tоа е Глен Клоуз, која во својата долга филмска кариера виртузозно играше улоги и на крајно окрутни и исклучително лукави жени, па често знаеше да каже: „Мора да им верувате и мора да ги сакате своите улоги и кога никој друг не ги сака!“

И на последново оскаровско издание оваа 2024 година, Глен Клоуз блесна силно, покажувајќи му на светот дека и во пресрет на својот 77 роденден, кој ќе го слави за некој ден, на 19 март, е во полна животна и актерска форма и дека светот може допрва од неа да очекува брилијантни филмски улоги, кои еден ден сигурно ќе станат неизоставен дел од секоја филмска енциклопедија.

Годинава Клоуз се претстави со сосем мала улога во кратко промотивно видео, пред оскаровската церемонија, во кое на познати филмски уметници им беше поставувано прашањето „кој филм посебно ги инспирира да посакаат да патуваат во некоја земја“?

„Има филм, се вика ‘Пред дождот’. Снимен е во Македонија! Очигледно е многу стара и многу нешта се имаат случено во таа земја. Никогаш потоа, не излезе од моите мисли“.

Големата Глен Клоуз, како на дланка на светот му ја понуди Македонија, за која, благодарејќи на филмската приказна и магичните пејзажи од Мариово и Охрид, стекнала неизбришлива претстава како за стара земја, во која се случувале толку многу работи!  И уште, стекнувајќи претстава за земја со модерна филмска уметност, која умешно раскажува свои приказни, како со филмот „Пред дождот“.

Каков моќен маркетиншки подарок за една држава и за земја која во годините  по „Дождот“, а посебно последниве години, доживеа толку многу губитништва и разочарувања на меѓународната политичка и културна сцена! И истовремено, каква добра културно-дипломатска поука, од најупатената жива актерка за тоа, дека треба да се биде и да се остане голем и кога ништо во светот не ти е наклонето и не ти оди во прилог! Но, „мора да им верувате и мора да ги сакате своите улоги и кога никој друг не ги сака!“

Македонија не е држава со голема политичка, економска, воена, демографска или туристичка моќ, преку која би се позиционирала подобро на меѓународната политичка мапа, но со добро осмислена, постојана и продорна културна дипломатија може да биде и повеќе видлива и повеќе допадлива и повеќе препознатлива, секаде во светот!

Последниве седум изгубени години, македонската приказна во светот ја раскажуваа само нашите соседи, еднаш јужниот, а во продолжение на истата приказна и источниот! Нема понепријатна позиција во меѓународни рамки, од аспект на културната дипломатија, кога светот ве препознава само по една работа, која истовремено претставува и тешко решлив меѓународен проблем!

Да имавме власт, каква што веќе полни седум години немаме, најмалку што требаше веднаш да се направи, ќе беше изразувањето гест на благодарност кон големата американска актерка за овој голем културно-дипломатски дар што пред милионски светски аудиториум ù го посвети на Македонија! И заедно со честитката за нејзиниот скорешен роденден, да беше и официјално поканета да ја посети Македонија, да ги види одблизу пејзажите кои трајно ù се врежале во мислите, да ги запознае одблизу и Мариово и Охрид, (но и пејзажите од „Медената земја“ за кои исто така сигурно знае!), да ги запознае луѓето, но и природните и културните убавини со кои е дарувана оваа навистина стара земја, во која многу работи сè уште живо се случуваат. Многу малку треба, ако вистински се сака, да се постигне нешто вредно!

Тоа би бил првокласен културно-дипломатски настан, за кој ќе разбере целата светска јавност! Бидејќи, културната дипломатија го може тоа, на најдобар и наједноставен начин -и да руши ѕидови и бариери, кога мора, но и да гради трајни мостови на пријателство и наклонетост, кога сака! Глен Клоуз, сакаше и подаде рака! Македонијо, на потег си ти!

Среќен роденден и добре дојде дома, госпоѓо Клоуз!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.