Васко Шутаров
(Никој нема право да носи дожд врз вашите соништа!)
Како што се разгоруваат гевгелискиве летни денови, во сеќавањата ми навираат спомени за крајот на школските денови и за разигрувањето на сите детски игри кои знаевме да ги играме со толку сласт и страст, скоро секогаш до изнемоштеност. Кога пладневното сонце ќе ни удреше посилно во глава, ќе се сместевме по оградите од дворовите, под крошните од вишнови и липови дрвја и привилегијата што уште не сме повикани дома, ја користевме за уште една вистински слатка летна игра.
Низ нашиот град, тогаш, во тие наши детски летни денови, минуваше река од странски автомобили, па детската игра „чекање странци“ беше една од највозбудливите. Тогаш почнуваше нова игра и нов натпревар, кој прв ќе препознае според регистрацијата од каде доаѓаат странците, каква марка автомобили возат и какви се шансите на нашето мавтање рака да ни возвратат и евентуално да ни се насмевнат. Тоа евентуално, најчесто беше и редовна практика, од стотина отпоздравени странски автомобили, можеби, еден до два ќе нè одминеа како да не нè забележале, од останатите добивавме и мавтање раце и широки насмевки и сосем обични прашања: каде можат нешто да купат, каде можат некаде да ручаат, или просто како најлесно да излезат оттука.
Тогаш оживуваа сите наши таленти и вештини, на сите нам познати јазици на свет, а најмногу на нашиот „гивгилијски“ на нивната непосредност, опуштеност и веселост, да им возвратиме како најдобри можни домаќини. И тие мали слатки среќавања беа едно толку силно доживување и препознавање, макар на миг, со еден за нас не толку познат свет, а отворениот прозорец од автомобилот можност барем на кратко да влеземе во еден свет на опуштени, весели, непосредни и толку фино и лежерно облечени луѓе.
Нашата екипа ја држеше „играта“ преку главната градска улица која директно водеше до центарот на градот, но знаевме и за една помангупска дружина која директно на автопатот, покрај мостот на реката Вардар ја играше истава игра „чекање странци“. Знаевме, дека, за разлика од нас кои останувавме со странците на мавтање раце, делење насмевки и лаф-два муабети, тие носеа дома „странски трофеи“ од лименки со сокови и пива, до секакви пластични чаши и чиничиња во секакви бои и шари. А такви во нашите тогашни две самопослуги и две книжарници, за жал не можеа да се купат.
И со почетокот на школската година, барем неколку години по ред, добивавме од учителката а подоцна и од класниот раководител, кратки, но многу јасни предавања, толку внимателно приспособени како за нашите аџамиски главчиња, дека тоа што го правиме со странците и не е толку лошо, посебно ако притоа научиме и по некој странски збор, но дека земањето подароци од нив без јасна причина или заслуга, не само што не е за одобрување, туку дека е за осудување, бидејќи може да биде и крајно ризично и многу опасно. И тогаш обично следуваше благиот шок, слушајќи ја истата приказна неколку години по ред, дека може некој странец-недобронамерник да ни подари некое пенкало или нешто слично налик на играчка, кое не само што може да експлодира и да нè повреди, туку дека може и цел град како нашиот да го разнесе и да го крене во воздух.
Можеби денес оваа наша мала приказна од детството ќе прозвучеше и романтично и егзотично, ако во меѓувреме детската игра „ајде да чекаме странци“, не станеше наша главна животна преокупација и ексклузивна игра од светот на денешната генерација политичари. Ако како деца, преку игра полна со љубопитност и наивност учевме за оној магичен западен свет толку далечен од нашата улица, денешново чекање и испраќање странци добива димензии на повеќе од обична животна, односно станува императивна политичка „игра над игрите“ од која зависи дали воопшто ќе нè биде или не, и ако веќе нè биде – во која насока ќе се движат нашите животи, нашите животни патишта и нашите животни планови.
Ако како деца ја игравме играта „чекање странци“, додека наивноста и слепата верба и ни личеа на годините што ги имавме, што да се каже за денешнава генерација македонски политичари, кои со последен атом најсериозна вообразеност нѐ убедуваат дека само „чекањето и испраќањето странци“ е нашата единствена игра преку која можеме да опстанеме и да ги проживееме нашите животи?! Патем, дали истите тие омилени странци кои ги чекаме уште од детството, ја одбраа токму нашата домашна ајдучија, од типот на онаа мангупарија од нашето детство која знаеше да се полакоми по туѓото, да бидат нивни главни домаќини и постојани партнери во нашата земја?! Дали наша најголема вина е што дозволивме токму таквите, најлакомите и најлукавите меѓу нас, да ја зграбат како своја најголема шанса играта наречена „чекање странци“, а од пенкалото, нашата детска метафора за страв, да создадат фетиш дека токму преку подареното пенкало може да се испишуваат нашите животни сонови и да се остваруваат нашите животни приказни?!
Со такво подарено пенкало, патем, и со невидена леснотија, се потпишаа и двата добрососедски договори, од кои, за волја на вистината не експлодира ништо драматично, но како последица од нив, стотици илјади Македонци доживеаја болни интимни имплозии низ кои драматично, сѐ уште, согорува простиот и строг македонски сон што сакаа да го одживеат!
А толку многу години по детските игри „чекање странци“, тогаш разиграните и љубопитни деца понесени по магичноста на блескавиот и шарен пост-хипиевски американски сон и лежерниот сон за европски просперитет и благостојба кој ги освојуваше од секој отворен прозор од автомобилите на странците на поминување, разбираат дека, истовремено, додека се радуваа на освојувањата на туѓите сонови, некој не само што го сонувал простиот и строг македонски сон, туку со него ги освојувал и Америка и Европа и целиот останат свет.
Денес, кога ги препрочитуваме извештаите од концертите на „Танец“, во највлијателните американски, француски и британски весници, кога читаме за „дивата и толку слободна игра на македонскиот национален танц која е пресек и сведок на две илјади години старата македонска традиција и култура“ разбираме за моќта на автентично раскажаниот македонски сон и автентичната македонска приказна која пуштила длабоки корени во срцето на Западот. Денес разбираме, дека, додека магично сме биле заитани како деца кон остварувањето на западниот сон овде, некој успевал на сите светски меридијани преку автентична македонска приказна да го раскаже македонскиот сон, преку песните на Блаже, Матеја, Ацо, Анте, Петре и Гане или преку бисерните гласови на Бадев, Сариевски, Вања, Анка, Васка и Јонче, преку Манчевски и Томовска, или преку Есма и Тоше, преку филмовите на браќата Манаки, Бранко Гапо, Дарко Марковиќ, Столе Попов, преку сликарските дела на Мазев, Кондовски, Урдин, Ташковски, Андреевски, преку драмските текстови на Горан Стефановски, Љубиша Георгиевски, Дејан Дуковски или Јордан Плевнеш, или подлабоко во сонот, преку книжевните првенци на Прличев, Миладинови, Жинзифов, Чупоски, Вапцаров и Рацин, или уште подлабоко во сонот, преку Адам од Говрлево, Тетовската Менада, виничките теракотни икони, сакралната ренесансна уметност, ремек-делата на македонските копаничарски тајфи, преку духовното, просветителско и духовно корифејство на ингениозниот дух што во Охрид наоѓал свое место за дејствување и вечно почивање.
„Мора да живееме заедно како браќa или ќе исчезнеме заедно како глупаци! Мора да увидиме дека тоа што го бараме на крајот е општество кое е во мир со себеси, општество кое може да живее со својата совест“, запишал бескомпромисниот борец за правата на Афроамериканците, свештеникот Мартин Лутер Кинг, кој денес и со неговата саможртва е олицетворение за остварувањето на американскиот сон.
Денес кога ни е најтажно и најмачно, кога ни станува сосем јасно дека не само што сме најдалеку од создавањето модерна граѓанска држава туку истовремено сме и најдалеку од себеси, остварувањето на македонскиот сон преку бескомпромисно раскажаната автентична, проста и строга македонска приказна е единствен начин во играта над сите игри, најпрво да преживееме, па да почнеме повторно да стануваме видливи и допадливи, почитувани и ценети на нашиот пат кон светот на кој природно му припаѓаме и кон кој отсекогаш се стремиме. А кон тој свет, само вербата во привлечната моќ на сопствената животна, духовна и културна приказна, може да ни го одреди првиот но сигурен чекор, дури и кога не можеме да ги согледаме сите скалила кои нè чекаат на патот кон остварувањето на повеќевековниот и недосонуван македонски сон.
Затоа денес, „кога по 55 години седење и чекање во тремот и ненаоѓајќи некој да се погрижи за нас“, но во меѓувреме стрпливо и мудро раскажувајќи ја автентичната македонската приказна, нашата Црква – „Целата убава и без дамка на неа“, впрочем како и народот што духовно го води, ни донесе зрак светлина дека нашата игра на сите игри може да има свој среќен и радосен крај, а македонскиот народ кој само во својата понова историја толку пати бил изигруван, да ја прими и најблагата вест со нескриена, но воздржана радост. Како кога на многупати истепано куче од нелуѓе, некој добронамерник ќе му фрли коска, а тоа – не само што не се приближува да ја помириса, туку и бега од неа од страв дека и коската онака сама од себе може да го тресне по глава! Кој може да му замери на овој стрплив народ толку долго оставен на прагот на сопствената промоција и еманципација на меѓународен план, што во меѓувреме престана лесно да се поведува по ненадејни радости и успеси?!
Но, ако Духовден, ова Лето Господово 2022, биде и духовен меѓник и призрак за остварувањето на вековниот сон, тивката, долготрпелива и мудра црковна дипломатија неминовно ќе предизвика и ослободување на затворената и замолкната македонска културна дипломатија и по веќе исцртаните крајпатни знаци оставени од генерациите што ни претходеа, да ја раскрили и со сета своја привлечна моќ повторно да ја ополномошти да го освојува светот! Во „Играта на игрите“, во сувереното право за раскажувањето на сопствената македонската приказна, за остварувањето на македонскиот сон, за сите идни поколенија!
Се разбира, сосе „странците што ги чекавме“ уште како деца!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.