Слободан Томиќ

(Враќањето на автокефалноста на древната и вечна Охридска архиепископија) 

„Блажен е оној кој својата надеж секогаш ја полага на својот Господ. Чиешто име не минува и чијашто слава нема крај“, ќе рече преподониот Ефрем Сирин.

Надежта на македонскиот народ никогаш не умира, таа е единственото нешто што го опстои во изминатите милениуми и покрај илјадниците премрежиња.

Што за човекот е неможно за Бога е можно, ќе прочитаме во Светото Писмо.

Да, токму тоа, според Господ и неговата воља, Македонија и македонските верници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископјија на денот на светите Просветители Светите Кирил И Методиј, го добија Божјиот благослов и автокефалност како православна црква, од Српската Православна Црква.

Српскиот патријарх Порфириј со полно срце ќе рече дека Соборот на СПЦ едногласно донел одлука за благослов на барањето на Македонската православна црква – Охридската архиепископија за автокефалност.

Во проповедта, по заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје  српскиот патријарх напомена дека е неописливо среќен, бидејќи пред очите на сите се случува чудо, чиј дел сме и ние.

Неговата Светост во својата проповед рече дека со нас денес се радуваат целата Црква, небото и Земјата, кога браќата се сакаат, кога го слават името Божјо, а ние се радуваме што по педесет и пет години служевме Света Литургија во Белград, а потоа и во Скопје. Едната вера е наша и наша љубов и затоа денес неописливо се радуваме, бидејќи пред нашите очи се случува чудо, а ние сме недостојни учесници во тоа чудо. Она што е одвоено од 1967 година, Бог ни даде чест да бидеме исцелени.

Чудото се случи, како што се случуваат чуда на ова библиско парче земја која се споменува повеќепати во Библијата и која како Македонска црква ја споменува и Светиот Апостол Павле.

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија,  во Соборниот храм Свети Климент Охридски ја доби радосната вест од српскиот патријарх, дека 55 годишниот спор за автокефалноста на црквата на светите Климент и Наум, Светата Лидија Македонка,првата покрстена  Македонка, Светиот Еразмо, светиот Гаврил Лесновски, Светите Јоаникиј Ракотински, Света Злата Менглесака, Свети Георги Кратовски, Светиот Јоаким Осоговски, Светиот Јоаким Крчовски и многу други светители го доби заслуженото, а тоа е да биде автокефална православна црква како и останатите  сестри православни автокефални во соседството и во светот.

Кога зборуваме за „чуда“ убаво е да се спомне Уште еден интересен момент од кој човек со сигурност ќе се наежи е кога гулаб слета во Соборниот храм додека српскиот патријарх ја соопштуваше информацијата дека Соборот на СПЦ издал АМИН за доделување автокефалност на МПЦ-ОА.

Информацијата  ја потврдија  архијереји кои учествуваа  на  историска литургија и кои успеале да го фотографираат гулабот, а симболиката на оваа птица во христијанство сигурно ја знаете:

„Според Евангелието по Марко, по крштевањето на Исус, се виде како небото се отвора и како Духот претставен со гулаб излегол од него“.

Да,чуда се случуваа во храмот на Свети Климент Охридски, првото е најрадосната вест соопштена од српскиот патријарх ГГ Порфириј за автокефалноста на МПЦ-ОА, Охридската Архиепископија или чудото

Враќањето на АВТОКЕФАЛНОСТА  на древната и вечна Охридска архиепископија!

Патријархот Српски Порфириј, 61 годишниот филозов  и теолог, со богат црковен, монашки живот и духовна надрградба, во делот познавањето на срцето и духот на православната вера и душата на црквата е патријарх кој ќе биде влезен и запишан во историјата на црквата.

Патријарх кој со својот харизматичен лик и душа и без никава предрасуда и стереотип како што прилега на вистински висок црковен достојник во македонскиот храм на Свети Климент, заедно со членовите на Светиот Собор на СПЦ, ја израдуваа и ја развеселија, а да бидам искрен и ја изненадија сета македонска јавност и во Македонија и надвор од неа со радосната вест, дека Светиот Собор на СПЦ ја прифати молбата на светиот Синот на МПЦ-ОА предводена од неговото блаженство г.г. Стефан, кој заедно со архиерејството и митрополитите Петар и Тимотеј упатија молба за доделување на автокефалност на МПЦ-ОА, а кое се случи веднаш по објавата на одлуката на Светиот Синод на Цариградскта Патријаршија предводена од патријархот Вартоломеј, дека МПЦ-ОА, веќе нема да биде црква во забранетите.

Границите се менуваат, се сменија и сигурно повторно ќе се менуваат, но Црквата Христова е единственото нешто што не се менува, таа е вечна, таа е столб и тврдина на вистината!

Љубовта и молитвата на оние во Белград и овде ги надминаа искушенијата и му овозможија на Бога да направи чудо, да покаже дека сме си потребни еден на друг, дека сме едно во Христа, дека Тој е алфа и омега на нашето постоење, историја и вечност.

Најпрвин, поради нашите молитви и оние во Белград и овде во Скопје, и поради нашата љубов и молитвите на сите светии, воспоставивме единство, едногласната одлука на Светиот архиерејски собор на СПЦ за одобрување, прифаќање и признавање на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија!

Останува  Собранието на Синодот на СПЦ и Патријархот заедно со Архиепископот Стефан и Синодот на МПЦ-ОА да ги разработат сите технички и организациски детали, а потоа црковното прогласување ќе биде официјален чин. И сите помесни цркви ќе бидат информирани и повикани да го прифатат статусот на автокефалност на МПЦ-ОА, изјави Порфир.

„Сигурни сме, браќа и сестри, дека сите други помесни православни цркви со задоволство ќе ја дочекаат оваа вест и дека ќе се радуваат што нашиот Господ и неговата црква ќе растат“, рече Порфириј.

Сите ве ставаме во нашите срца и молитви и ве молиме да не примите, рече Порфириј.

Не може да се изостави и прекрасната изјава на патријархот Порфириј на историскиот настан во храмот на Свети Климент во Скопје, тој меѓудругото ќе рече:

„Браќа архиепископи, браќа и сестри, верни народи на оваа прекрасна и благословена земја, украсена со најубавите бисери на православната духовност и свети Божји места и места каде што ние подвижниците со векови се молевме и пролевавме солзи на покајание за спасение на светот и човештвото. Да се радуваме , затоа што Господ погледна во нас и затоа што со нас денес се радува целата црква, се радуваат небото и земјата. Се радуваме кога браќата се сакаат и се радуваме што после 55 години служевме света Литургија прво во Белград, а потоа и во Скопје“.

Се е од Господ кој не поставил граници за нациите да се делат и да се спротивставуваат, туку дека границите значат можност секој народ подобро да се организира за да го умножи својот посебен печат, и дарови од Бога, порасна, да не се затвори во себе и да биде вљубен во себе. Но, има и такви кои немаат ниту тронка милост, чувство и благодарност ниту кон Бога, ниту кон верата, ниту кон црквата.

Тие веднаш со своите скептични мисли, и помисли!

Тоа се ситни души кои не се воопшто наклонети кон Божјите пораки  за љубов и единство!

„Бог ја создаде различноста и  секому му даде дар на уникатност, за да може да се даде себеси на другите, исто како што народите се даваат на другите народи и се интегрираат во заедниците со други народи, ги збогатуваат другите народи со себе и се збогатуваат со други народи.“

Искреноста не изостана и со пораката:

„Православната вера сме ја примиле од нашите свети предци, од светите Кирил и Методиј, словенски апостоли кои сведочеле за Христа, како и од Свети Климент и Наум и од Свети Сава и други“, истакна патријархот  Порфириј.

Да се потсетиме повторно на Апостол Павле:

„Ве молам, браќа, да нема раздор меѓу вас и да се утврдите во истиот збор!“

Чудото по 250 години

Љубовта во очите на сите нас како и обврската, задачата и пораката, а тоа е дека нашата љубов и молитви насекаде како во Скопје, така и во Белград како и во целиот православен свет уште повеќе ќе помогнат да се надминат  исклучувањата и се направи чудо – да, ние треба да се разбираме бидејќи си требаме и не можеме еден без друг.

Да живееме православно и во молитвите на сите светци, со што ќе воспоставиме единство“,

Убавата вест пристигна и од  Константинопол во седиштето на неговата СеСветос патрихархот ГГ Вартоломеј,  дека писмото за автокефалност е примено во Цариград и дека на 12 јуни, на 55-годишнината од МПЦ, претставници на таа црква ќе служат заедничка литургија со Вселенската патријаршија во Фанар.

Имаме и некои коментари дали нашата црква и името македонска ќе го изгубиме? Секако дека НЕ! Охридската Архиепископија е древна црква и има свој контунуитет кој денеска се вика македонска православна црква.

Според митрополитот преспанско пелагониски и администратор австралиско новозеландски Петарнема простор за страв и паника името на нашата црква е во духот на името синот и светиот дух,или три во едно.

Тоа подразбира ,како и да се спомнува и нарече во комуникација македонската православна црква, охридска архиепископија, јустинијана прима, или македонска православна црква тоа е едно исто!

Според истражувањата во контекст на автокефалниот статус на помесните православни цркви, поконкретно нивните официјални титули, на кои е издаден официјален томос, ги наведуваме следниве сознанија:

– Руска православна црква: Томосот е издаден на име Московска патријаршија, од страна на Вселенската патријаршија, во 1589 година, кога бил поставен првиот московски патријарх, Јов.

Името Руска Православна Црква почнало да се користи дури во 1943 година.

– Српска православна црква: Својот томос го добила во 1922 година, од страна на Мелетиј IV, во малку нерегуларни околности, а бил издаден на име Автокефална обединета Православна црква на Кралството СХС, во чиј состав влегле претходно канонски независните митрополии: Црногорската, Српската, Карловачката и двете далматински епархии. Со тој документ истовремено црквата во Кралството СХС е издигната на степен на патријаршија.

Значи, не стои Романска православна црква, туку Православна црква во Романија. Истото тоа важи и за другите.)

– Грчка православна црква: Првиот документ со кој се уреди автокефалниот статус на Грчката црква е томосот од 1850 година. Сепак, со ослободувањето на Северна Грција во 20 век, вселенскиот патријарх прогласи патријаршиски синодален акт, со кој беше основана нова црковна структура, наречена Црква на Грција, во кој влегоа и митрополиите на Северна Грција. Така што, томосот гласи на име: Православна црква на Грција.

– Бугарска православна црква: На 22 февруари 1945 година, од страна на константинополскиот патријарх Венјамин, доделен ѝ е томос на Бугарската православна црква, кој гласи на име: Света православна автокефална црква во Бугарија.

– Албанска православна црква: Томосот за автокефалноста на Албанската православна црква е издаден во 1937 година, од страна на Вселенската патријаршија, и гласи како Автокефална православна црква во Албанија.

Што се однесува до нашата помесна православна црква – МПЦ-ОА, особено е важно да се напомене дека нејзиното историски и еклисиолошки исправно име е Охридска архиепископија.

Името Македонска Православна Црква е настанато по аналогија на другите помесни православни цркви и не претставува суштествено еклисиолошко име, бидејќи никогаш во историјата не се среќавала црква со тоа име, како што не се среќавале ни Руска, Грчка, Бугарска, Српска, Романска…

Би сакал да ги спомнам и оценките на аналитичарите во соседството  околу ова прашање:

Прашањето за начинот за доделувањето на Томосот за автокефалија, има потенцијал да ја возобнови дебатата за улогата на мајката-црква, останатите помесни цркви и вселенскиот патријарх во процесот на доделување на автокефалија.

 – Постои ризик од евентуална поларизација во православието доколку процесот не се одвива преку еден координиран и искрен пристап кај главните чинители (СПЦ, МПЦ-ОА и Цариград).

Да не заборавиме дека во првичното соопштение на СПЦ од 16 мај беше наведена потребата за сеправославна согласност и прифаќање на конечниот статус на МПЦ-ОА.

 Истовремено, српскиот патријарх Порфириј не го спомна Вартоломеј кога зборуваше за наредни чекори, туку кажа дека СПЦ прифаќа, признава и одобрува автокефалност и дека за тоа останатите цркви следејќи го канонскиот редослед ќе бидат информирани и повикани и тие да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА – објаснуваат аналитичарите.

 

Наредните чекори, појаснуваат тие, се формализација на одлуката донесена за автокефалија дадена од страна на СПЦ преку договор со МПЦ-ОА за техничко-административните прашања кои произлегуваат од ваквиот чекор.

 

Ќе има уценувања и условувања..?!

Српскиот верски аналитичар Жељко Ињац “ смета дека Вселенската патријаршија секако ќе се обиде да ја потчини новата македонска црква, како што тоа го направи со расколничката црква во Украина, давајќи ѝ еден вид полуавтокефалност со создавање црква што повеќе личи на парохија отколку на локална црква, за да ги оправда своите неопапистички претензии.

 Според Ињац, сега во МПЦ-ОА мора да бидат мудри да не се согласат на уцени и на какви било услови во однос на името, јурисдикцијата или Томос, без разлика кој ќе го додели.

– Но, единствено валидно е тоа сите помесни цркви ја признаат Македонската црква под нејзиното целосно име и презиме, по древната православна практика. Вселенската патријаршија е мајка на сите словенски цркви, но не е мајка на сите цркви, таа е сепак Ерусалимска патријаршија.

Српскиот аналитичар претпоставува дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе направи нешто слично како српскиот патријарх, без давање Томос, но најверојатно нема да ја пропушти приликата да го нагласи неговиот наводен примат во православната црква и тоа ќе биде крај, барем во оваа фаза.

 На прашањето дали најавениот Томос за автокефалност на МПЦ-ОА ќе важи и за епархиите надвор од територијата на Македонија, аналитичарот вели дека тоа ќе зависи од тоа кој ќе го додели Томосот.

 – Ако го дадат Србите, ќе биде, како што се наведува во соопштението на Соборот на СПЦ, дека МПЦ-ОА ќе ја добие сета јурисдикција над своите верници, како во татковината, така и во дијаспората.

Ако го даде Вселенската патријаршија, која има претензии кон дијаспората на сите помесни цркви, тешко дека МПЦ-ОА ќе ја задржи дијаспората. Тоа е сега борбата пред МПЦ-ОА за целосна јурисдикција над своите верници и балансирање меѓу СПЦ и Цариград.

 Српската православна црква не може повеќе од ова, а зад Вселенската патријаршија стојат моќни светски центри.

 Владиците од МПЦ-ОА и властите треба да бидат мудри да не се замерат со моќниците, а сепак да се изборат за своите права. На вашата црква и натаму ѝ претстои мачна и тешка борба да ја потврди својата духовна самостојност – порачува Ињац.

Како заокружена анализа и реакции околу признавањето и автокефалноста дадена од СПЦ на МПЦ-ОА, не може да се изостави и:

 Руската Православна Цеква среќна поради признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА

Признавањето на автокефалноста на црквата во  Македонија од страна на Српската православна црква е радосен настан, за кој се очекува да се разговара на следниот состанок на Светиот синод на Руската православна црква, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни односи на Московската патријаршија, протојереј Николај Балашов.

– Се радуваме заедно со нашите браќа Срби и Македонци. Овој настан го чекавме многу години. И сега дојде часот на Божјата волја. Верувам дека Светиот синод на Руската православна црква ќе даде соодветен одговор на својот следен состанок – рече Балашов за ТАСС, во врска со завчерашното обзнанување на српскиот патријарх Порфириј на заедничката архијерејска литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје дека Светиот архијерејски собор на СПЦ едногласно решил да го признае автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.

Да се надеваме,дека сепак силните молитви кои беа принесени кон Бога  од длабочината на  душите на светите архиереи и  верниците на македонската црква,заедно со поглаварите на двете православни цркви ,СПЦ и МПЦ-ОА ,ГГ Порфириј и ГГ Стефан на празникот на Раѓањето на  Црквата – Педесетница,   ќе го донесе очекуваното по 250 години,а тоа е  Томосот,потпишан од светата десница од неговата СеСветос цариградски патријарх Вартоломеј, и им „паднат во вода  сите лоши мисли и помисли“ на ,,некои,, кои не ја прифатија вистината за Христовата црква МПЦ-ОА дека е таа вечна и единствена.

Такви скептици, и неистомисленици за жал ги имало,ги има и во иднина ќе ги има  од сите страни, и дома и надвор!

Одлуката за Автокефалност што ни ја врачија Српскиот патријарх г. Порфириј и членовите на Светиот Синод на СПЦ, ја потврдија исконата на Македонија,македонскиот идентитет, јазик ,култура,историја со еден збор се случи враќањето на АВТОКЕФАЛНОСТА  на древната и вечна  Охридска  Архиепископија или чудото кое го посакувавме 250 години, денеска е реалност!

Останува , на роденденот на црквата 12 јуни 2022 или Педесетница да се радуваме и славиме чудото,од храмот на Свети Климент Охридски со радосната вест ,а таа е да го добиеме печатот, Томосот за автокефалноста  на нашата Света и Древна Охридска Архиепископија,или Јустинијана Прима, или Света Македонска Православна Црква!

        За многаја лета, во векови за навек! Амин!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.