Петар Поп-Арсов

Пвиот бран на реакции по оджувањето на изборите за пратеници во Европскиот парламент полека стивнува. Сепак, неизбежни се таканаречените афтершокови од политичкиот земјотрес кој што и се случи на Европа. Се редат последователни потреси кои што сè уште  одекнуваат низ континентот, а интересот на јавноста и понатаму останува фокусиран на процесот кој што ќе следи како последица на изборните резултати. Најновата информација говори за тоа дека европските лидери не успеаа да се договорат за распределба на клучните места во рамки на Европската унија. Но, и тоа ќе биде иако пораката од овие избори не се однесуваше само на распределбата на функциите.

Без разлика на тоа дали се работи за поголеми или помали земји членки на ЕУ, или пак се работи за земји кандидати за членство, интересот за изборните резултати кои во значителна мера ќе го трасираат патот по кој што ќе се движи континентот во следните пет години останува во фокусот на вниманието на европската јавност. Ова особено доаѓа до израз откако некои од најистакнатите европски лидери претрпеа сериозни неуспеси во сопствените земји. Во исто време, десничарските и екстремно десничарските партии направија значителен скок.

Првиот впечаток од европските избори е дека Европа прави сериозно свртување вдесно. Тоа го говорат бројките на остварените мандати. Европската народна партија (EPP) како победничка и најголемата политичка сила која што ќе биде застапена во Европскиот парламент има згоелмување за 16 мандати во однос на претходниот парламентарен состав, односно од 174 порасна на 190 пратенички места. Тоа е сериозен показател дека десницата во Европа ја зацврстува својата доминација во рамки на Европскиот парламент кое што понатаму може да има импликации и на распоредот на силите во парламентите на национално ниво.

Ако на овој факт го надоврземе резултатот остварен од т.н. екстремна десница, односно оној дел од десницата која што е поделена во неколку политички блока во кои што има благ или сериозно изразен евроскептицизам, суверенизам, како и грижа за заштитат на идентитетот, навистина може да заклучиме дека десницата во Европа извојува сериозна победа. Сите десно ориентирани партии (гледано според стандардната дефиниција за поделба на левица и десница) заедно имаат далеку повеќе од половината на мандатите од вкупно 720 пратеници на Европскиот парламент, кое што за европски услови претставува сериозно мнозинство.

Но, дали вообичаената поделба на десни и леви сè уште е важечка и може да се примени во политичките случувања на европскиот континет? Дали овие, по дефиниција десни партии, политички се компатибилни меѓу себе и ќе можат да соработуваат и да ја водат ЕУ во наредните пет години?

По се изгледа дека не!

Политичката поделбата во Европа одамна не се движи по линијата на разграничување помеѓу класичните левица и десницата. Европската унија стана комплексна политичка структура во која егзистираат повеќе линии на разграничување кои истовремено претставуваат и линии на поврзување и соработка ако на нив гледаме од друга перспектива.

Независно од математиката која јасно покажува дека вкупниот материјален биланс на десницата е доволен да владее со континентот, сепак ќе се прават други комбинации кои во игра повторно ќе ги внесат другите линии на политичка поделба. И покрај јасните победи и порази низ Европа, ниту еден блок не може да создаде чисто мнозинство кое истовремено ќе ја интегрира вкупната политичка платформа врз која тие функционираат. По се изгледа дека евроскептицизмот повторно ќе биде фактор на обединување на најголемите, по дефиниција спротивставени политички сили во ЕУ, Европската народна партија (EPP) и Европските социјалисти и демократи (S&D). Но, тоа е само по дефиниција. Во пракса е сосема поинаку.

Постоењето на евроскептицизмот како таков, како и се поголемото зацврстување на суверенистите и чуварите на националниот идентитет на европските народи на политичката сцена, ги приморува поддржувачите на европската идеја да се обединат независно од нивната профилација на левица или десница. Коалицијата меѓу ЕПП и Социјалистите е веќе испробан рецепт на функционирање во рамки на институциите на ЕУ и тоа беше формулата со која Европската унија се справи со надоаѓачкиот евроскептицизам кој својата сила ја покажа уште на претходните избори во 2019 година.

А, како не би имало појава на евроскептицизам, зајакнување на суверенизмот и негативниот став кон проширувањето, кога ЕУ се покажа како многу ранлива на неконтролираните процеси на миграција кои го погодија континентот. Недоволната подготвеност и исклучително либералниот став на највлијателните европски политичари кон ова прашање придонесоа мобилизацијата на европската политика да започне од нејзината база, меѓу европските граѓани и народите на земјите членки. Слабите перформанси на европскиот политички врв имаат свои негативни импликации и врз земјите кандидати кои се ставени во положба на бескрајни преговори, реформи и реформи на реформите без да се гледа крајот и конечниот исход на таквиот процес. Впрочем, Македонија најдобро ја почувствува „способноста и ефикасноста“ на последните неколку генерации на европската политичка елита.

Затоа се такви и резултатите од изборите. Затоа Макрон, симболот на социјал-либералните политики во Европа доживува сериозен пораз. Неговите политики создадоа таква реакција меѓу француските граѓани што доведоа до победа т.н. екстремна десница. Во Франција, една од локомотивите на Европската унија, веќе не можеме да зборуваме за победа на EPP или на S&D, туку за победа на политиките кои се дијаметрална спротивност на она што го претставуваше Макрон. Во Франција зборуваме за победа на екстремната десница!

Ако на сето тоа ги надоврземе последните иницијативи на Макрон за испраќање на француски трупи во Украина и дозвола за користење на француското оружје за гаѓање на цели во Русија, може да заклучиме дека француските граѓани навистина испратија радикална порака во однос на ваквите политики. Со други зборови, Французите испратија порака за мир. Порака спротивна на политиките на Макрон.

Неконтролираната миграција, војната реторика и загрозувањето на животите на сопствените граѓани не можат да се третираат ниту како леви, ниту како либерални, социјални или демократски политики. Тоа се политики кои одат во една своја форма на екстремизам и радикализам.

Парадоксално е да се дефинира нечија политика како крајно десна доколку се залага за одбрана од неконтролираната миграција и нарушувањето на популационата рамнотежа. Нелогично е некоја политика да се дефинира како радикално десна доколку се залага за заштита на сопствениот народ, за мир и за спротивување на учеството на сопствените синови на туѓите бојни полиња.

Во Европа имаме појава на нов радикализам и екстремизам. Тој не е ниту десен, ниту лев. Европскиот радикализам и екстремизам е либерален, кој со својата политика турна еден цел народ во беспоштедна војна со несогледиви последици. Војната во Украина е одговорност на сите страни кои се вклучени на овој или оној начин, а токму политиките на екстремниот европски либерализам го туркаат континентот во уште поголем судир.

Изборите за Европскиот парламент се нешто многу повеќе од избори за пратеници со високи плати во Стразбур. Тоа беа избори на кои беше испратена сериозна политичка порака која е многу повеќе од тоа кој ќе раководи со бриселската бирократија или кој колку раководни места ќе има во Европската комисија и останатата ЕУ архитектура на владеење. Пораката испратена од европските граѓани е последната шанса за мирот во Европа. Тоа е порака која што мора соодветно и правилно да биде разбрана од оваа генерација на европски политичари чиј што фокус треба да биде ставен на суштината, а не на фотелјите кои што треба да бидат пополнети.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.