Помеѓу два оброка, од бифтек, се разбира, и тоа, нормално, на државна сметка, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ конечно дошол до оригинална идеја! Да разговара за уставните измени, со кои треба македонските Бугари да бидат вметнати во највисокиот државен акт како конститутивен народ, согласно т.н. француски, а во суштина чисто бугарски предлог за надминување на недоразбирањата и враќање на довербата меѓу двата соседа Република Македонија и Република Бугарија! И тоа ни помалку, ни повеќе, туку со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Што ќе рече дека со албанскиот премиер Еди Рама, кој, според признанието на една од пратеничките од редовите на Алтернатива, веќе ја составил и новата реконструирана Влада на ДУИ и на нејзиниот прв коалиционен партнер СДСМ, сега засилени и со Алијанса на Албанците, па останува само една мала ситница да се среди. Да се убеди ВМРО-ДПМНЕ, ако не сите, тогаш барем дел од нејзините пратеници да кренат рака за да се стигне до потребната фамозна бројка од 80 народни избраници, со што ќе го продолжиме патот кон конечен почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

Притоа вицепремирот излезе со теза, што во последно време се почесто ја користат претставниците од власта, иако е крајно крефка и бара дебели дообјаснувања. Ова од една страна, а од друга, топката и се префрла на ВМРО-ДПМНЕ, која колку до вчера беше масакрирана како антиевропска и какво ти не друго „анти“ партија.

Ах, Бојан, Бојан, шерет мал! Исто како главниот лик од детската серија „Фамилија 5+“.

Со ставањето, додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, да кажам според конвенциите. А секако дека имаат право граѓаните слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме ние и седум други заедници, кои што се истакнати во нашиот Устав, треба да имаме можност за Бугарите, за ние да бидеме заштитени дека никој не може да каже дека ние сме Бугари. Ние сме Македонци и самата дистинкција дека има и Бугари, кои што со последниот попис се 3.000 и стотина. Со самиот тој чин ќе ја направиме таа дистинкција. Дополнително на тоа, ние ќе додадеме и други заедници како што се Хрватите и Црногорците најмалку. Значи има интерес и од други Евреите, Египќаните, торбешите и така натака и спремни сме да разговараме, изјави Маричиќ во интервјуто за Македонското радио.

Можеби ова убаво звучи за уво, ама и Маричиќ, а и сите претставници од власта, кои ја користат оваа теза, треба да кажат една единствена работа-да ја објаснат етногенезата на Македонците како етнос и народ и кои историски личности ќе бидат главни сидра во нивната историја. Притоа, да не се вадат со работата на заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците. Ова чисто од прагматични причини, зашто навистина не бива односите меѓу двете држави и двата народа да зависат од сите избори од двете страни на границата.

Вака како што бледо ја прикажуваат тезата Маричиќ и другите претставници од власта излегува дека дистинкцијата меѓу Македонците и Бугарите почнува токму од 1944 година, ако не и од 2023-та, таман порачано за бугарската страна. За неточностите и лавирањето на Маричиќ околу статусот на етничка заедница или малцинство, според меѓународните конвенции, не вреди ни да се зборува. Тоа само покажува каков дунстер од вицепремиер имаме. И нормално, колку ни е расштиман државниот врв, зашто за претседателот Стево Пендаровски „проблемот“ беше во тоа што Бугарите бараат да бидат конститутивен народ.

Индикативно е што настапот на Маричиќ, случајно или не, се совпадна со промовирањето на „новата доктрина“ на македонските Бугари во политиката кон Македонија, кои се тесно поврзани со бугарските тајни служби. Нека отвори трибуна.мк и да го прочита текстот со наслов „Предлог за промена и нов пристап кон проблемот со РС Македонија“ и може многу работи ќе му станат појасни и за последиците од вметнувањето на Бугарите во Уставот, ако воопшто ги знае и ги разбира работите.

Мислам дека е време и со ВМРО-ДПМНЕ да разговараме дали јавно или вон очите на јавноста, се едно, секако треба да почне разговорот. На темата на суштинска содржинска расправа околу уставните измени зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози. Бидејќи содржински треба да го промениме Уставот во преамбулата со додавањето и во додавањето на Бугарите во оној комитет за односи меѓу заедниците во Собранито, каде што ги има сите заедници, тие се двете места, Уставот каде што се спомнуваат заедниците со име. Доколку влеземе во таква дискусија верувам дека ќе дојдеме до разумни аргументи дека е навистина трагично да ја блокираме сопствената држава на патот кон ЕУ заради ова прашање, ќе рече уште меѓу другото Маричиќ.

Ах, Бојан, Бојан, шерет мал!

Пред да почнете да разговарате со ВМРО-ДПМНЕ би било подобро да почнете да разговарате со вашите избирачи токму околу ова. Зашто, според податоците од последната анкета на Евротинк, дури 81 отсто од поддржувачите на СДСМ ја сметаат Бугарија за најголема закана за Македонија! И просто е несфатливо за македонските неоврховисти во ликот и делото на првиот коалиционен партнер на власта на ДУИ, СДСМ, Бугарија да претставува опасност!? Па, основна карактеристика на врховистите, што ќе рече и на неоврховистите, е љубовта кон бугарскиот царски дворец, Врана мислам дека му е името, или сега вилата Бојана! Едноставно, двете работи не одат и не можат да одат заедно.

И тука е клучно прашањето-ако се точни податоците од анкетата, тогаш врз основа на што СДСМ ја темели целата своја политика на свиткана кичма кон Бугарија? На стравот од неа!? Срамота!!!

Маричиќ доцни со разговорот со ВМРО-ДПМНЕ како возот од Скопје за Битола. Со најголемата опозициска партија прво требаше да разговара уште пред пет години кога СДСМ го прифати асиметричниот договор со Бугарија. Потоа, требаше да разговара, откако бугарското народно собрание ги донесе спорните декларција и резолуција, требаше да разговара кога се правеа на удрени дека не преговараат за т.н. француски, а во суштина чисто бугарски предлог. Требаше да разговараат пред насилнички да гласаат за него во парламентот.

Откако сите овие можности Маричиќ и СДСМ ги пропуштија, сега за што ќе разговараат со ВМРО-ДПМНЕ? За ланскиот снег? Или за стравот од Бугарија?

Ако сепак одлучат да разговараат за вметнувањето на македонските Бугари во Уставот, тогаш би било добро заедно да размислат и да го протолкуваат значењето и последиците од ставот 4 на членот 11 од Договорот од 2017 година.

А, тој вели: „Секоја од договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани на територијата на другата договорна страна, во согласност со меѓународното право“.

Прво што треба заеднички да одговорат е дали со т.н. француски, односно бугарски предлог не се прекрши токму овој став од Договорот?

И второ, да не се занесуваат ни едните, ни другите, зашто Бугарија никогаш нема да ја прифати бројката од 3.504 македонски Бугари, колку што се изјасниле на пописот. За неа секогаш ќе биде валиден бројот на издадените бугарски пасоши од околу 120.000, колку што тврдат дека се. Оваа бројка, заедно со можноста за државна и институционална пропаганда даваат сосема друга димензија на прашањето.

Ах, Бојан, Бојан, шерет мал, па ти не си Петко за да забавуваш деца од пред и од училишна возраст, туку вицепремиер за европски прашања. И да, ако бифтекот ти е слабост, продолжи да го „делкаш“ и крв да ти се стори. Ако ти здосади, смени малку со месо од ајкула. Ние останатите, обичните смртници ќе преживееме и со ајвар, иако и тој веќе станува луксуз.

П.С. Двете стринки од владини портпароли се уште молчат и не даваат одговор на прашањето зошто како редакции Република и Пресинг ТВ, и новинари и фоторепортер Игор Чавески, Предраг Димитровски и Александар Ивановски, бевме неподобни да известуваме од чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонската револуционерна икона Гоце Делчев.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.