Атанас Кирјаковски

Илјадници исчезнаа во тоа кобно ранофевруарско утро на југот од Турција и северот од Сирија. Светот е во неверување, длабока тага и стаписаност додека сѐ уште трае трката со студот во обидот за спасување на што е можно повеќе луѓе од урнатините на провинциите Кахраманмараш и Газиантеп и околните погодени предели. Досега повеќе од 37,000 загинале што го прави овој земјотрес еден од најсмртоностните во историјата на регионот. За жал, ваквите апокалиптични земјотреси не се случуваат за првпат. Иста магнитуда од 7.8 според Рихтеровата скала имал и земјотресот од декември 1939 г. во Ерзинџан во кој имало сличен број загинати, а многумина сѐ уште јасно се сеќаваат и на земјотресот од Измит во 1999 г. во која загинаа преку 17,000 лица. За жал, Турција, Сирија и целиот тој поширок регион се трусно подрачје поради поставеноста на Анатолиската тектонска плоча која одвреме-навреме се поместува предизвикувајќи сериозни потреси.

Зарем има зборови што можат да ја опишат човечката трагедија од овој земјотрес или од било кој друг земјотрес со слични последици? Добро познати ни се сликите на прав и пепел, бескрајното бетонско сивило кое голта сѐ што ќе му се најде на патот, во чија утроба се заробени илјадници. Едноставно не постојат зборови кои можат да го опишат траурот. Но мора да си го поставиме насушното прашање, барем ние тука, во Република Македонија, во земјата која еднаш не така одамна – исто така настрадала од разорен земјотрес и во која има потенцијал повторно да настрада. Што може да извлечеме како поука?

Пред сѐ, последните трагични земјотреси се само уште едно потсетување дека природата е сурова и дека човекот е премногу ранлив. Природата ни е мајка, но и маќеа. Во најголем дел од времето е прекрасна, но понекогаш знае да биде исклучително брутална кон нас. Не смееме да се опуштаме, мора да бидеме скромни и да гледаме на неа со почит. Мора да ја сфатиме сериозно и да не забораваме со леснотија зошто цивилизациите постојат, зошто постојат општествата, зошто упорно човекот се организира, бира влади, создава секакви институции и организиран труд – болници, училишта, спасувачки служби, инспекторати и контролни тела, армии, земјоделие, сточарство, фабрики, цели градови, комуникациски нексузи и што ли уште не – токму со цел да се заштити и да си помогне на самиот себеси кога природата ќе се налути. Или барем така би требало да биде.

Следејќи го тој принцип, мудра и одговорна влада веднаш би почнала со проверка на градбите во Република Македонија поучена од огромната трагедија во Турција и Сирија. Веднаш би организирала обуки на своето население, веднаш би почнала да создава капацитети од секаков вид (од збиралишта до залихи), би ги подготвила веќе постоечките јавни капацитети како што се училишните згради на пример, за брза трансформација доколу – не дај боже – тоа би било потребно. Толку многу несреќа може да се спречи ако некој мисли и планира за иднината, ако работи одговорно, ако се грижи за другите наместо да мисли само на сопствениот џеб и партија. Дали на терен гледаме нешто такво? Дали сме сигурни во какви згради живееме, дали се чувствуваме безбедни? Колку вредат евтините пораки на сочувство, моралното сигнализирање и деновите на жалост? Ќе им помогнат ли суштински на настраданите? Не.

Можеме себеси бескрајно да се самозалажуваме, да одбиваме да ја прифатиме реалноста цицајќи од игнорантниот нектар на социјалните мрежи, да замижуваме на опасноста и неправдата само затоа што не можеме да се соочиме со негативните емоции кои ги носат. Одбираме да бидеме игноратни заради удобност и целосно забораваме всушност дека сето ова „уживање“ може да го снема за миг. Забораваме дека едно општество мора активно и напорно постојано да работи на својата кондиција, да биде подготвено кога несреќата ќе се случи, а некој ден – сигурно ќе се случи. Но тогаш, веќе ќе биде предоцна.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.