Од 15 до 21 март, пријавени се 72 нови случаи на голема кашлица. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 58, а пријавени се случаи во Куманово – седум, Битола – четири, Дебар и Струга по еден случај, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од новите 72 случаи, девет се хоспитализирани или 12,5 проценти. Станува збор за седум деца на возраст под една година и по едно лице од возрасната група од 15 до 19 години и од 20 до 29 години. Возраста на новитезаболени се движи од 0 до 44 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.

Заклучно со 21 март, во Македонија се регистрирани вкупно 287 случаи на голема кашлица, со инциденца од 15,6/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 247 (86,1 проценти) со зафаќање на петнаесет различни општини, 12 лица живеат во Куманово, 11 лица се од Тетово, во Битола 6, Гостивар три, по два во Дебар и Струга и по еден случај е регистриран од Струмица, Крива Паланка, Кавадарци и Кочани. Заболените лица се на возраст од 1 месец до 78 години (медијана 11,9 години). Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 10-14 години (27,5 проценти), потоа се децата на возраст до 4 години (25,4 проценти), односно 41 случај (14,3 проценти) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 32 (11,1 проценти) се деца на возраст од 1 до 4 години, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број регистрирани случаи – 287, 157 случаи или 54,7 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,6 години.

Од заболените, 44 лица или 15,3 проценти се хоспитализирани, и тоа 38 или 86,1 проценти од нив се на возраст до 4 години.

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека се пронајдени 15.067 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 8.243 или 54,7 проценти. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 4.423 или 53,7 проценти.

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.895 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент – 5.813 или 58,7 проценти од вакцинираните деца примиле прва, втора и трета доза на примовакцинација. Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01 до 21.03.2024 изнесува 18.138 појаснуваат од ИЈЗ.

Во државава, без Скопје, од доставените податоци од центрите за јавно здравје, пронајдени се се 7.929 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 3.914 или 49,4 проценти. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 2.075 или 53 проценти.

-Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 10.569 дете на возраст до 7 години, а најголем број и процент – 5.398 или 51,1 проценти од вакцинираните примиле I и II доза на ревакцина. Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01 до 21.03.2024 изнесува 14.483, се додава во извештајот на ИЈЗ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.