Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, препорача почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 год, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи, соопшти Министерството за здравство.
Поради зголемен број ковид-позитивни, беше одложен почетокот на второто полугодие во основните и средните училишта. Наместо на 20 јануари, стартот беше пролонгиран за први февруари. Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија по оваа одлука остро негодуваше, велејќи дека затворањето на училиштата треба да биде последно решение.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска кажа дека до крај на неделата ќе има одлука како ќе продолжи второто полугодие.
На состанокот на Комисијата за заразни болести на кој присуствуваше министерот за здравство, д-р Беким Сали беше разгледана актуелната епидемиолошка состојба со Ковид–19 во земјава.
Заради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата препорача од клиниките кои претходно работеа како ковид-центри во рамки на првата фаза, Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат со работа како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември”. За ова сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за преземање на сите неопходни активности, велат од МЗ.
Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата.
Воедно, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од Ковид-19.
Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).
Вчера вкупно 26 лица починаа од компликации од ковид-19, од кои осум биле целосно вакцинирани, а кај 23 се регистрирани коморбидитети. Министерството за здравство соопшти за рекорден број заразени со ковид – 2.341 од 6.193 тестови. Од вкупниот број нови позитивни, 308 се реинфекции, од кои една втора реинфекција.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 259.328, бројот на оздравени пациенти е 230.206, на починати е 8.266, а бројот на активни случаи изнесува 20.856.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.