Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите – обезбедете им на своите деца онаква заштита, каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото. Имате моќ да го заштитите своето дете, другите деца и заедницата од болести, што може да се спречат со вакцини, што се докажано безбедни и високо ефикасни, апелираат од УНИЦЕФ во денешното соопштение.
Вакцинирањето, додаваат оттаму, е една од најефективните мерки на заштита на децата и заедниците од сериозни болести. Докажано е, велат од УНИЦЕФ, дека вакцините се безбедни и глобално секоја година, тие спасуваат два до три милиони детски животи од сериозни болести.
Од УНИЦЕФ изразуваат загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружува кон повикот на здравствените експерти, до родителите и старателите, да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација, се наведува во нивното соопштение.
Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, родителите денес ја имаат таа среќа да растат без да доживеат некој член од семејството, или пријател, да им почине или да има доживотни последици од болести, како што се мали сипаници или детска парализа. Сегашната епидемија од голема кашлица потсетува на важноста од одржување опфат со редовна вакцинација на децата над 90-95 отсто за да се постигне колективен имунитет“, пишува во денешното соопштение на УНИЦЕФ.
Од УНИЦЕФ додаваат оти само со постигнување колективен имунитет можеме да ги заштитиме оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет.
За да ги заштитиме децата и заедниците, важно е сите деца кои од која било причина, ја пропуштиле вакцината според националниот календар на имунизација, да ја примат вакцината“, се додава во соопштението од УНИЦЕФ.
Од Центарот за јавно здравје денеска информираа дека само на територија на Скопје до овој момент се евидентирани 20 случаи на голема кашлица, но нивниот број се менува од час во час.
Од вакциналниот пункт „Букурешт“ во Скопје претходно денеска информираа дека по зголемениот број случаи на голема кашлица зголемен е и интересот за вакцинација.
Оттаму наведуваат дека пациентите пред сѐ деца поголеми од три години, кои ги пропуштиле дозите од редовната вакцинација, според календарот за имунизација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.