„Трикафта“, лекот за болните од цистична фиброза е стигнат во државава, потврди за МИА претседателот на Асоцијацијата, Фики Гаспар.

Гаспар за МИА изјавил дека лекот пристигнал во земјава во понеделникот, но дека се уште не дистрибуиран до Клиниката, бидејќи се чекаат да завршат административните процедури.

Сега треба да поминат бирократски процедури, царина, одобрување… Но, најверојатно, иако неофицијално, веќе в петок можеби пациентите ќе бидат повикани за примање на лекот. До крај на недела би требало да стигне на клиника, изјави Гаспар.

Претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза изјави дека денеска имале средба министерот за здравство Фатмир Меџити и разговарале за идните активности.

МИА побара и потврда за информацијата од Министерството за здравство, но до објавување на текстот, не добивме одговор.

Претходно, Владата соопшти дека се обезбедени 2,2 милиони евра од буџетот за набавка на „трикафата“ за најитните пациенти откако почина Благојче Илиевски, пациент кој две години се бореше да издејствува лекот да биде донесен кај нас.

Добавувачот на лекот има обезбедено количини за најкритичните и тие доаѓаат согласно динамиката што производителот ја кажува, зашто не се работи за лекови кои ги има на залиха, туку се произведуваат по барање и нарачка за точен број пациенти.

Пред еден месец Асоцијацијата за цистична фиброза организираше протест пред Владата, револтирани од односот на државата од која со години го бараат лекот „трикафта“ за нивната болест.

Жално е во 21. век кога има лек за оваа болест да умираат пациентите со цистична фиброза. Многу сме револтирани од предолгото чекање и одлучување дали да се донесе лекот и за колку пациенти. Нема веќе време за чекање, изјави Ирена Василевска, мајка на дете болно од цистична фиброза на протестот пред Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.