За време на караванот за вакцинација против ковид-19 во Ново Село се вакцинираа педесетина лица во еден ден, во Шуто Оризари се вакцинираа вкупно 35 лица, а за споредба само четворица примиле вакцина во периодот од две недели пред овој настан, соопштија од Министерството за здравство.

За време на настаните организирани во рамки на карванот досега се вакцинираа повеќе од 200 лица.

Караванот за имунизација на населението во Македонија против ковид-19 ќе заврши за два дена. Досега се посетени 14 градски и рурални подрачја низ целата држава. Освен можностите да се прими вакцина против ковид-19 во локалните заедници, медицински екипи, придружувани од волонтери на Црвениот крст и студенти од медицински здруженија, споделуваа веродостојни информации за вакцинирањето против ковид-19, како и за придобивките од вакцинацијата и ризиците од одложување. Се даваа и информации за локациите и работното време на најблиските здравствени домови, каде има вакцини на располагање за сите.

Заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски, претставникот на УСАИД за Македонија, Ерик Јановски, заменик претставникот на УНИЦЕФ Артур Ајвазов, градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани и претставници од СЗО денеска го посетија селото Неготино во општина Врапчиште, една од последните локации, кои ќе ги посети караванот за информирање и вакцинација против КОВИД-19.

Согласно последните податоци од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, околу 41,2% од вкупното население во земјата е вакцинирано со две дози. Голем дел од населението останува незаштитено од можните тешки последици од ковид-19. Невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смрт од ковид-19 во споредба со тие кои биле вакцинирани. Затоа, граѓаните не треба да се колебаат и одлуката за вакцинирање не треба да се одложува, изјави заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски.

Караванот и другите насочени интервенции придонесоа кон поголем интерес за заштита од ковид-19. Минатиот петок здравствените домови пријавија над 11% зголемување во просечниот дневен број вакцинации во нивните објекти, во споредба со претходната недела.

Јас ги имам примено сите вакцини и ги охрабрувам сите што ги исполнуваат условите да се вакцинираат. Докажано е дека вакцините против КОВИД-19 се безбедни и ефикасни. Помагаат да се запре ширењето на болеста и нудат силна заштита од тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт поради инфекција со КОВИД-19, рече претставникот на УСАИД за Македонија Ерик Јановски.

Министерството за здравство го почна караванот за заштита од КОВИД-19 со поддршка од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ). Караванот почна во Шуто Оризари на 21 март и ќе продолжи утре (сабота) со посета на Кичево, а ќе заврши во Струга на 3 април.
Покрај активностите организирани во рамки на караванот за вакцинирање, граѓаните може да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. Пунктот за вакцинирање во Поликлиника Букурешт во Скопје е отворен до 20:00 часот од понеделник до петок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.