Разочарани сме од третманот на Министерството за здравство, бараме плата на ниво на доктор по општа медицина на Клиника, велат приватните специјализанти. Од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) го поздравуваат најавеното линеарно покачување за 5 отсто за сите здравствени работници и соработници за март 2024 година и веруваат дека ваквиот тренд мора да продолжи.

Од ЗЛД велат дека група од над 300 лекари – приватни специјализанти секојдневно работат со нивните колеги за само 26 000 денари, сума која е многу близу до минималната плата.

Ниедно покачување до сега не ја опфати оваа група на лекари кои сè уште немаат ниту пензиско осигурување и сите најави за трансформација на нивниот работен однос пропаднаа, со што оваа група на лекари беше повторно изиграна од Министерството за здравство. Бараме итно покачување на надоместокот на приватните специјализанти согласно просечната плата во Македонија во износ на 39.998 денари и трајно решавање на статусот на вработување на овие лекари согласно многубројните ветувања до сега, се вели во реакцијата на ЗЛС.

Приватните специјализанти во реакцијата до ЗЛС бараат да им бидат поддржани барањата и истите да ги проследат до министерот за здравство и одговорните институции.

Како приватни специјализанти кои редовно ги обавуваме своите обврски на клиниките од Клиничкиот Центар, сме видно разочарани од третманот на Министерството за здравство. Приватните специјализанти се столбот на здравствениот систем, придонесувајќи значително за грижата за пациентите и медицинските услуги. Месечниот надоместок кој го добиваме како специјализанти од 26000 денари, кој има за цел да ја признае нашата стручност и посветеност, не може да ги покрие дури ни основните животни трошоци, бидејќи не задоволува ни половина од потрошувачката кошничка во државава. Тоа значи дека нашиот живот е сведен на минимум, притоа сме оставени и без соодветно здравствено осигурување, велат приватните специјализанти.

Тие додаваат дека во изминатиов период неколку пати се зголемија платите на здравствениот персонал, повторно е најавено зголемување на платите од месец март, а тие се постојано исклучени од покачувањата на платите на здравствениот персонал.

И ние приватните специјализанти сме составен дел од здравствениот систем, но со третманот кој го добиваме се чувствуваме исклучени од истиот. Во моментов во Клинички Центар Мајка Тереза има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти. Ја изразуваме нашата загриженост и бараме итно покачување на платите и решавање на нашиот статус. Во моментов се водиме како невработени лица, со договор на дело, без ни еден ден стаж во тек на 6 години специјализација. Бараме плата која ќе биде на ниво на доктор по општа медицина во ЈЗУ Клинички Центар. Бараме од Вас веднаш да пристапите кон решавање на нашиот статус и покачување на платите или во спротивно ќе бидеме приморани сите приватни специјализанти да престанеме со извршување на било какви обврски на соодветните Клиники, велат специјализантите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.