Од денеска во функција е ставен медицински хеликоптер со кој ќе се пренесуваат пациенти од цела Македонија во ГОБ „8 Септември“, информираа од Министерството за здравство.
Утрово, беше изведен пробен лет од Градската општина болница „8 Септември“ – Скопје до Клиничката болница Битола како една од пооддалечените точки. На пробниот лет присустуваа министерот за здравство р Фатмир Меџити, заменик министерката за здравство Маја Манолева, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Хеликоптерот има медицинска опрема за воздушен транспорт, а ГОБ 8 Септември ќе овозможува искусен стручен тим за придружба на пациентот.
Со оваа соработка помеѓу двете Министерства за здравство и внатрешни работи, овозможуваме заедничко дејствување на припадниците на хеликоптерската единица при МВР и здравствените установи, односно употреба на хеликоптер за транспорт на пациенти. Хеликоптерот има медицинска опрема за воздушен транспорт, а ГОБ 8 Септември ќе овозможува искусен стручен тим за придружба на пациентот. На овој начин овозможуваме подобра заштита како и побрз транспорт на пациентите до здравствените установи, рече Меџити.
Заменичката Манолева информираше дека опремата опфаќа монитори за следење витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и други медицински инструменти.
Дополнителна опрема ќе се обезбедува во зависност од дијагнозата на пациентите кои ќе има потреба да се транспортираат. Покрај со медицинска опрема, хеликоптерот е екипиран со доктор и медицинска сестра. Транспортот е целосно бесплатен за пациентот, а за потребата од ваков транспорт ќе врши стручна проценка директорот на установата од каде примарно е пациентот, како и според итноста на состојбата. Нашата тенденција е во иднина да се формира и посебен кол центар одговорен за координација, како и да се прошири проектот со вклучување повеќе центри, изјави Манолева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.