Министерот за здравство Илир Демири не знае дали Клиниката за Токсикологија која синоќа се поплавила е осигурана, но според него, не е законски ако Клиниката не е осигурана и менаџментот треба да преземе одговорност.
Ако зборувате за хаваријата со цевката од парно таа е санирана уште вчера од страна на Заеднички служби. А пропо вашата изјава дали е потпишан договор или не, тоа се интерни договори на клиниките со кои не располагам. Морам да ги проверам, па после да ви кажам дали е така или не, изјави поладнево Демири, кој присустваше на одбележувањето 100 години од формирањето на Инстутот за јавно здравје.
Синоќа на Клиниката за токсикологија пукнала цевка од парно и поплавени се речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болнички соби на првиот кат, Одделението и сметководство, ходниците на приземјето, чекалната се до амбулантата на ОРЛ и дел од подрумските простории. Дежурната екипа веднаш ја повикала техничката служба за одржување на парно, но не успеале да го допрат истекот на водата во следните четириесетина минути.
Одговарајќи на новинарски прашања, Демири рече дека треба да се провери дали имало договор за осигурување или не.
Викендов, вработени од Токсикологија преку писмо до медиумите реагираа за односот на в. д. организациската директорка Бесија Иљази, која меѓудругото не потпишува клучни документи. Во писмото пишуваше дека Клиниката веќе два месеца не е осигурана иако тоа е законска обврска. На прес-конфренцијата, лекари од стручниот колегиум на Токсикологија кажаа дека Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар. Но, затоа е упорна да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа и доаѓа на работа во 10 часот, а си оди во 14,30.
Според моите сознанија, економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката. Проверено е, рече Демири.
Прашан за болничарот кој требаше да биде суспендиран, Демири рече дека голема неправда е направена на Токсикологија, затоа што не е обезбедена согласност од страна на менаџментот за обезбедување на договорите за работа за 18-те вработени кои четири месеци работат во Клиниката, а не добиваат економски надомест.
Јас кажав тоа што имам забележано и за што имам факти и тоа е изјава дадена во јавноста, меѓутоа сме во предизборие, во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниедна законска процедура. Чекам да дојде извештајот на инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на пет дена менаџментот на институцијава да најде решение за 18-те луѓе кои се вработени таму, кои работат, а не добиваат економски надомест, изјави Демири.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.