Ковид-19 може да предизвика намалување на масата на мозокот, да ја намали сивата материја во областите кои ги контролираат емоциите и меморијата и да ја оштети областа што го контролира сетилото за мирис, покажа истражувањето на научниците од Универзитетот Оксфорд.
Истражувачите објавија дека забележале такви промени и кај пациенти кои не биле хоспитализирани поради Ковид-19.
За да се дознае дали споменатите последици можат барем делумно да се отстранат или да станат трајни, ќе треба да се направат дополнителни истражувања.
„Имаме силни докази за абнормалности на мозокот по Ковид-19“ напишаа британските научници во студијата објавена во понеделникот во списанието „Нејчер“.
Дури и во случај на благи форми на болеста, учесниците во студијата открија „влошување на извршните функции“ на мозокот одговорни за фокусирање, планирање, организирање, донесување одлуки и решавање проблеми, а во просек големината на мозокот се намалила помеѓу 0,2 проценти и 2 проценти.
Една рецензирана студија испитувала промени во мозокот на 785 пациенти на возраст од 51 до 81 година.
Двапати им е направено скенирање на мозокот, а од вкупниот број на испитаници, 400 биле заразени со Ковид помеѓу двете снимки. Второто скенирање беше направено во просек 141 ден по првото.
Студијата беше спроведена во време кога алфа варијантата на коронавирусот беше доминантна во Британија и малку е веројатно дека биле вклучени пациенти заразени со делта, велат британските научници.
Студијата, исто така, покажа дека некои пациенти страдале од „мозочна магла“ или намалено внимание и концентрација, како и намалена брзина на обработка на информациите и послаба меморија откако прележале од Ковид.
Научниците не објавија дали вакцинацијата против Ковид влијаела на состојбата, но британската здравствена агенција минатиот месец објави дека студијата на 15 претходни студии покажала дека вакцинираните луѓе имаат половина помала веројатност да развијат долгорочни симптоми на Ковид од невакцинираните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.