Министерството за здравство и Комисијата за заштита на населението од заразни болести активно ја следи состојбата со Ковид-19 во земјата, но и активно ги следи состојбите и на европско и светско ниво.
Неспорно е дека во нашата држава се забележува зголемување на трансмисија на коронавирус, но и дека ова е општ тренд што не може да се очекува да не одбегне.
Затоа, иако во моментот состојбата е релативно мирна, со цел да остане таква Министерството за здравство препорачува внимание и преземање мерки за лична заштита. Ова особено се однесува, но не исклучиво, на постарите лица, лицата кои имаат една или повеќе хронични болести, и сите кои имаат намален имунитет поради која било причина.
Во овој период препорачливо е при престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории (наведни погоре) маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3.
Просториите во кои се престојува подолго(канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се провертуваат и да се дезинфицираат.
Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра.
Редовна хигиена и дезинфекција на раце, особено ако кивате и кашлате, а устата ја покривате со дланката наместо со внатрешноста од лактот, како што е препорачано.
Доколку почувствувате некои од стандардните симптоми (сува кашлица, температура, болки во грло, болки во мускулите и слично) веднаш побарајте помош од вашиот матичен лекар и задолжително носете маска.
Во Здравствените домови ширум државата веќе е зголемен бројот на термини за тестирање на пациенти, а само во ЗД Скопје тестирање се врши во пет пункта.
Исто така, се уште најефикасна заштита од развој на потешки форми на ковид и хоспитализација останува вакцинацијата против ковид. Така што, за целосно заштитени се сметаат тиeкои имаат примени две дози вакцини и дополнителна, т.е. бустер доза. Сите оние кои не се вакцинирале или не го завршиле целиот вакцинален циклус, се препорачува истото веднаш да го направат, а кај оние кои поминале четири месеци од бустер дозата им се препорачува и второ бустирање.
Потсетуваме дека на сила е се уште обврската за носење маски во јавен превоз, здравствени установи, аптеки и домови за стари лица.
На крајот, а во услови на регионална и светска експанзија на вирусот, колку поголема лична одговорност покажеме, толку поголеми се шансите овој бран и поединечно и колективно полесно да го поминеме, односно да не дојдеме во состојба да мора повторно да се активираат некои мерки, а што е веќе случај во некои држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.