Вкупно 63 отсто од испитаните примероци во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Македонија биле позитивни на  BA.2 сублинијата на омикрон – позната уште и како „стелт“, покажува последниот извештај на ИЈЗ за периодот од 7 до 13 март годинава.

Во текот на изминатата недела е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 92 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите. Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 7 до 12 март, од следните градови: Скопје, Кавадарци, Тетово, Велес, Свети Николе, Кочани, Прилеп, Кратово и Гевгелија.

Во 32 (34,8%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 5 (63,0%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „стелт“, се вели во извештајот.

Регистрирани сe 1.818 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, со намалување од 27,4% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,8% до 13,8%, просечно 11,6%.

Според неделниот извештај тестирани се вкупно 15.264 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 12,% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (27,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (3,3%).

Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7% во возрасната група од 0-9 години.

Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 2.400 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2% во однос на претходната недела.

Пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови во текот на изминатата недела, за 33,3% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.

До 13 март се регистрирани се вкупно 11.113 (3,7%) реинфекции. Од реинфекциите, 19 завршиле со смртен исход.

Регистрирани се 9.150 смртни случаи.

Досега во земјата се направени вкупно 1.923.358 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 301.583, бројот на оздравени пациенти е 290.617, на починати е 9.150, а бројот на активни случаи изнесува 1.816.

На 17 февраури 2021 година во  Македонија започна вакцинацијата против ковид-19. Заклучно со 12.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 851.655 лица, а со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.