Во текот на месец јули, пријавени се вкупно 250 случаи на Ковид-19 низ државава. Во однос на претходниот месец јуни, се регистрира десеткратно зголемување на бројот на пријавени од Ковид-19, како и во однос на месец јули, 2023 година. Од заболените во јули 2024, најголем број – 148 се пријавени од Скопје, а највисока инциденца (43,0/100.000) се регистрира во Кавадарци, се наведува во месечниот билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за движењето на акутните заразни заболувања за месец јули, објавен попладнево.

Во текот на месецот регистрирано било едно починато лице асоцирано со Ковид-19. Најголем број заболени биле регистрирани од возрасната група над 60 години и кај деца до девет години.

Во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, во текот на месец јули, се тестирани вкупно 906 материјали со повеќе од двојно зголемување на бројот на тестирани во однос на минатиот месец – 409. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31 јули 2024, пријавени се вкупно 350.875 потврдени случаи на Ковид-19 (I=19.103,4/100.000) и 9.992 смртни случаи (Mt= 544,0/100.000; CFR=2,8%), се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Тој месец во Република Македонија, пријавени биле вкупно 1.500 заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 81,7 на 100.000 жители.

Во текот на месец јули се бележи зголемување на вкупниот број на заболени лица за 30,1 отсто во однос на претходниот месец јуни 2024, како и во однос на аритметичката средина за периодот 2014-2023, за 12,3 проценти, додека во однос на јули 2023, се бележи зголемување за 57,6 проценти, додаваат од ИЈЗ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.