Во државава од 11 до 17 месецов се пријавени 253 случаи на групни пријави за заболени од грип, односно заболувања слични на грип, што е за 40,7 проценти помалку во споредба со претходната недела.

Како што стои во Извештајот на Институтот за јавно здравје за состојбата со грип во земјава за 11-та недела, бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 11-та недела од минатата сезона е намален за 23,6 отсто, а во споредба со бројот за 11-та недела од типичната епидемиска крива намален е за 71,9 отсто.

Во текот на 11-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнаа 22 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и КОВИД-19 (SARS-CoV-2). Притоа, детектирани се три позитивни случаи на Influenza B/Victoria и еден на Influenza А – несубтипизиран. Не се регистрирани позитивни случаи со SARS-CoV-2. Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, во рамките на вон-сезонска активност, наведуваат од ИЈЗ.

Во однос на возрасната дистрибуција, 175 лица се на возраст од 15-64 години, 35 кај деца на возраст од 5-14 години, 25 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години и 18 кај деца на возраст од 0-4 години. Највисока инциденца (18,7/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Заболените се пријавени од 20 ЦЈЗ/ПЕ, со најголем број на пријавени случаи во Гостивар – 49, Струмица – 32, Кавадарци – 27, Скопје – 22, Куманово и Битола – по 21, а во останатите бројот на пријавени е под 20.

Од почетокот на сезоната 2023/2024, заклучно со 11-та недела 2024, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 910 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип, од рутинскиот надзор. Сите пристигнати материјали се тестирани за присуство на инфлуенца вирус и SARS-CoV-2.

Детектирани се 145 позитивни случаи на грип: 118 Influenza А(H1) pdm09, 12 Influenza А(H3), 10 Influenza А – несубтипизиран, 4 Influenza B/Victoria и 1 Influenza B – неодредена линија. Регистрирани се 20 позитивни случаи на SARS-CoV-2. Од случаите со Influenza и КОВИД-19, кај три случаи од рутинскиот надзор е докажана истовремена инфекција. Дополнително, регистрирани се 29 позитивни случаи на респираторен синцицијален вирус (RSV).

Во епидемиолошкиот коментар на ИЈЗ се наведува дека се забележува значително намалување на бројот на заболувања слични на грип, кој е во рамките на вонсезонска активност.

Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има регионална распространетост на вирусот на грип, а процентот на позитивност е над границата од 10 отсто. Според податоците од САРИ (сериозни акутни респираторни инфекции) надзорот, бројот на хоспитализации е намален споредено со претходниот период. Согласно податоците од рутинскиот и САРИ надзорот, Р.Македонија има регионална географска распространетост и низок интензитет на активноста на вирусот на грип, стои во соопштението.

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се 14 починати лица асоцирани со грип, седум од Скопје, две од Штип и по едно лице од Велес, Куманово, Неготино, Гостивар и Демир Хисар

ИЈЗ повторно укажува дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување.

Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): Постарите лица (над 65 години), деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени, и здравствени работници. Заклучно со 11-та недела/2024 година, во Република Македонија, вакцинирани се вкупно 61.807 лица со бесплатна или комерцијална вакцина, наведуваат од ИЈЗ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.