Неочекуваните промени на температурата и влажноста на воздухот влијаат негативно на респираторниот систем – отежнато дишење, суво грло, сува и надразнителна кашлица, кивавица, симптоми слични на грип односно настинка. Освен тоа, постојаната употреба на клима уредите е поврзана со појавата симптоми од горниот респираторен тракт и влошувањето на хроничниот ринитис, синузитис и фарингитис, иритација на грлото и појава на засипнатост на гласот, ушни инфекции дури и стомачни тегоби.
Ова е наведено во ризиците од престојот во климатизирани простории дома или на работно место, кои ги објавија во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оттаму предупредуваат за ризиците, но и за придобивките од клима уредите.
„Во ризици спаѓаат и сушењето и иритацијата на мукозните мембрани. Клима уредите може да ги поттикнат или интензивираат проблемите со очите како што се конјунктивитис и блефаритис, а предизвикуваат и проблеми со контактните леќи кај лицата кои истите редовно ги користат. Може да предизвикаат мускулна пареза. Клима уредите ги влошуваат ефектите од артритисот и невритисот. Со постојаната циркулација на воздухот може да се пренесат причинители на инфективни заболувања на дишните органи. Прашината, органските честички и габите може да предизвикаат алергиски реакции“, наведено е во објавата на ИЈЗ.
Во врска со придобивките, наведено е дека интензивната топлина има негативно влијание врз менталната и физичката активност на човекот, а употребата на клима уредите во одреден степен ги подобрува истите во периодот на летните месеци.
„Клима уредите ги подобруваат и зголемуваат нивоата на удобност при работа и одмор. Ја подобруваат ефикасноста на работата и може да резултираат со зголемена физичка и интелектуална активност. Пониската температура го намалува присуството на паразити, инсекти, влечуги и други видови животни. Пониската температура придонесува за помалку потење, намален губиток на течности и намалување на ризикот од дехидрација. Чистиот систем за климатизација помага во отстранувањето на надворешните алергени како што се полените. Ако уредот за климатизација е добар и добро се одржува, го обновува и го подобрува квалитетот на воздухот во внатрешната средина“, наведуваат во ИЈЗ.
Оттаму препорачуваат климатизираните простории редовно да се проветруваат.
„Професионалната инсталација и одржување се од суштинско значење и за уредите за централна климатизација и за клима уредите со внатрешна и надворешна единица. Најдобро е собна температура да се одржи во интервалот 21º до 25ºC. Меѓутоа, за време на топлотен бран, собната температура не треба да биде под 25ºC. Потребно е да се одржува релативната влажност на просторијата помеѓу 60 отсто и 70 отсто. Клима уредите треба редовно и правилно да се чистат и дезинфицираат, по можност два пати годишно пред зимската и летната сезона“, наведено е во препораките.
Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави (USEPA или ЕРА) предупредува дека концентрацијата на загадувачките честички во воздухот во затворените простории може да биде поголема од тие во загадениот воздух во надворешната средина. Ова значително го зголемува ризикот за луѓето со респираторни проблеми и кардиоваскуларни болести кои поминуваат дел од своето време во затворен простор.
„Климатизацијата, според EPA, може да придонесе за контаминација и ширење на бактериите, мувлата, вирусите, полените и животинските секрети и екстракти. Како и во случајот со многу други болести, ризична група се децата, адолесцентите, бремените жени и постарите лица, посебно оние со респираторни заболувања и слаб имунолошки систем. ИЈЗ препорачува прилагодување на телото од најмалку 15 минути во просторија со температура поприближна на надворешната температура. Тоа може да го направите, на пример, со исклучување на климата, престој во потопла просторија и слично“, наведуваат во ИЈЗ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.