Итно ни требаат доктори и медицински сестри на Одделот за предвремено родени бебиња на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), бидејќи секојдневно заминуваат, побара директорката на Клиниката, д-р Викторија Јовановска.

Д-р Јовановски рече дека е неопходно во најскоро време да се одобрат нови вработувања на Одделот бидејќи работат со мал број вработени.

Работата е многу тешка, тоа е 24-часовно работно време без можност за одмор. Вработените, особено докторите на тој оддел, немаа можност дури ни да го искористат правото на годишен одмор заради тоа што секогаш обврските ги тераат да бидат присутни тука. За да ги постигнеме овие бројки должиме на овие вработени кои, верувајте, макотрпно ја извојуваа оваа победа. Последниот месец потпишав три отказни решенија на сестри кои не можеа да го издржат тој предизвик. Таа работа е исклучително тешка, рече д-р Јовановска.

Денеска, на 17 ноември се одбележува Светскиот ден на предвреме роденитте бебиња. Министерот за здравство Фатмир Меџити, денеска беше во посета на ГАК и кажа дека според статистиките, од 2017 година досега, за 74 отсто е намалена смртноста на предвреме родените бебиња. Па така, таа во 2016 година, изнесувала 25 проценти, за во 2023 година да достигне 5,6 отсто.

фото: Министерство за здравство

Борбата за живот на деца од 500 и 600 грама е огромна одговорност за вработените. Тие се под силен притисок и од мене и од целокупното раководство, секако и од нивната морална одговорност. Не можат да се соочат со тие предизвици и си одат, изјави д-р Јовановска.

Според Меџити, намалување на смртноста на предвремено родените бебиња е резултат на унапредување на условите, вложување во модерна опрема на Клиниката за гинекологија и акушерство како и обуки на персоналот.

Од година во година, поточно од 2017 наваму имаме одлични резултати, бидејќи постои ефикасна стратегија со која се унапредени условите за родилките и обезбедена е врвна нега за новороденчињата. Здравјето на мајките и новороденчињата е императив за секој успешен здравствен систем, а токму развојот и имплементацијата на Мастер планот за перинатална грижа е резултат на заедничките заложби со СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА, изјави Меџити.

Глобалната тема за Светскиот ден на предвремено родените 2023 година е „Мали акции, големо влијание: непосредна нега кожа на кожа за секое бебе насекаде!“

Покрај виолетовата боја која означува чувствителност и исклучителност, чорапите станаа симбол за Светскиот ден на предвремено родените деца. Малиот пар виолетови чорапи – врамени со девет пара детски чорапи со целосна големина – симболизираат дека 1 од 10 бебиња е родено предвремено во светот. Предвремено родените бебиња имаат гестациска возраст под 37-ма недела од раѓање и доенчиња со мала родилна тежина под 2,5 килограми.

Приближно 1 милион деца годишно умираат поради компликации од предвремено породување.

Предвременото раѓање е водечка причина за смрт кај децата на возраст под пет години. Секоја година, околу 15 милиони бебиња ширум светот се раѓаат предвреме.

Многу преживеани бебиња се соочуваат со доживотна попреченост, вклучително и пречки во учењето и проблеми со видот и слухот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.