Во Дебар и селата на Река, по повод Православна Нова година, продолжи традицијата на децата суројчари, кои посакаа среќна и бериќетна година.

Иако, во многу помал број од некогаш, кога само во градот имало по повеќе групи, со по десеттина деца, последните години традицијата ја продолжуваат само неколку дечиња, дел од нив по потекло од овој крај, но главно живеат во Скопје.

Меѓу нив беа Иван, Антониј, Анисија, Лука, Марко, Евгениј. Тие ги посетија православните домови, пеејќи „сура, сура година, весела, посреќна година“, а за убавите и искрени детски желби домаќинките ги даруваа со пари и слатки.

Фала му на Бога што продолжува традицијата. Јас многу им се радувам на децата суројчари, кои кога доаѓаат на врата го развеселуваат домот. Исто така радост беа и Лазарките што се организираа за Лазарова сабота, но последните неколку години таа традиција ја нема, вели Десанка Секуловска.

Таа објаснува дека суројцата, која главно ја прават бабите, но и мајките, е во форма на крст, направена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец.

Традицијата воспоставена пред повеќе од три децении, на кршење василичарска погача ја продолжија и дебранки. Погачата ја подготви Илинка Трајановска, каде лани се падна паричката, а синоќа најсреќна беше Весна Миновска, која посака здравје, среќа, благосостојба и продолжување на традицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.