Џоломари од неколку тиквешки села денеска бркаа лоши духови и со тоа ја испочитуваа долгогодишната традиција за Василица на овие простори.

Претставникот на џоломарската група од село Бегниште, Орданчо Лазаров, во изјава за МИА, вели дека џоломарите го претставуваат културното етнографско богатство и наследство на човештвото од овој регион, го чуваат, негуваат, заштитуваат, развиваат и промовираат пред светот.

Тој нагласи дека се гордее со многувековната традиција која претставува вистинска атракција каде и да се појават.

Џоломарството се чува и негува во Бегниште како очите во главата. Се пренесува од дедо на внук. Се маскираат од најмлади до најстари припадници на машкиот пол. Со волнени ќулавки и долги бради, сламени грпки, клопотарци и стапови, исцрнети лица со саѓи од фурните, кои се чуваат и пренесуваат како семејно богатство и наследство, страшните џоломари прават врева и ги бркаат лошите духови. Наместо тоа, носат здравје и бериќет, среќа и позитивна енергија. Со симулирање на сексуален чин со своевидната невеста во групата, се упатува пораката за нов живот ослободен од лошотии, истакнува Лазаров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.