Светот штотуку го доживеа својот најтопол април досега, продолжувајќи ја 11-месечната серија на соборување на температурниот рекорд секој месец, објави во средата набљудувачката организација на ЕУ за климатски промени.

Секој месец од јуни 2023 година е најтоплиот досега измерен и регистриран на планетата, според месечниот преглед на Службата за климатски промени Коперник (C3S).

Вклучувајќи го април, просечната глобална температура беше највисока за 12-месечен период досега, 1,61 степени Целзиусови над просечната температура во прединдустрискиот период од 1850 до 1900 година.

Некои од екстремите, вклучително и рекордните температури на површината на морето неколку месеци по ред, ги наведоа научниците да истражат дали човечката активност предизвикала пресвртна точка во климатскиот систем или дали сме сведоци на значителна промена во климатскиот систем.

Емисиите на стакленички гасови од согорувањето на фосилните горива се главната причина за климатските промени. Во последните месеци, природниот феномен Ел Нино, кој ги загрева површинските води во источниот дел на Тихиот Океан, исто така ги зголеми температурите.

Во април беа забележани одредени временски екстреми, вклучително и топлотниот бран во Сахел кој е можна причина за илјадници смртни случаи.

Климатологот Хејли Фаулер од Универзитетот во Њукасл рече дека податоците покажуваат дека светот е опасно блиску до прекршување на целта на Парискиот договор од 2015 година за запирање на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.

Неговото мислење е дека светот веќе ја изгубил таа битка и дека сега мора што побрзо да работи на намалување на емисиите на штетни гасови за да се задржи зголемувањето на глобалната температура под 2 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.