Невремето однесе дел од покривот на куќата на семејството Чулеви во Неготино, а откорнат дел од покривот од соседите им паднал врз автомобилот и го оштетил. Ова се само дел од последиците од невремето проследено со дожд и ветер што денеска го зафати Неготино.
Во изјава за МИА Чулеви рекоа дека немаат струја во домот, па соседите им пуштиле кабел колку за задоволување на најосновните потреби од електрична енергија.
– Имаме штети, целата кујна е поплавена. Страшен ветер бучеше, ролетните ни ги откорна од рацете што се вели, додека се обидувавме да ги собереме за да не се скршат, толку силно не турна и нас, што не залепи за ѕидот. Силина, брзо помина, ама големи штети направи. Имаме скршени прозорци и ролетни. Бидејќи на дел од таванот немаше плоча туку само трска, дождот зафати и други делови од мебелот од горниот кат. Првично се ставија најлони кај оштетениот дел од покривот, немој вечерва или утре пак да заврне, па деновиве ќе се санираат оштетувањата – велат членови на семејството.
Со оглед на тоа што од Општината најавија утре да се формира комисија за проценки на штети, Чулеви очекуваат да добијат обесштетување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.