Утре е празникот на Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, кој се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Овој празник секогаш паѓа на 14 септември, односно 27 септември по стариот календар.

За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло, а некои верници јадат само леб и грозје. Не треба да се јаде ништо црвено како пиперки, домати, ротквици, црвени јаболка и друго. На трпезата освен обреден леб задолжително треба да присуствува печена тиква и грозје. Во народните верувања се вели дека сите молитви ќе бидат слушнати на овој ден.

Според народните верувања од Крстовден започнува есента. Се верува дека од овој ден денот и ноќта се крстосуваат, а температурите почнуваат да се намалуваат.

Се верува дека денешниот ден го претскажува и времето:

– Ако на Крстовден е облачно, зимата ќе биде богата со снег, а ако е суво, наредната година ќе биде сушна.

– Ако до Крстовен не си заминат ластовиците, нема да има јака зима.

– Слаб дожд на Крстовден претскажува блага зима.

– Грмежи на Крстовден претскажуваат плодна година.

– После топлиот и сув септември ни претстои студен и врнежлив октомври.

– Ако за Крстовден е облачно, зимата ќе биде снежна. Ако е ведро, ќе има мраз.

Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури. На Крстовден највозрасните жени во домот е потребно да испечат специјален обреден леб, украсен со голем крст на средината. Лебот се раздава, кога целото семејство е на масата и се вели Крстец крст да боли мене, крст да не боли. Се смета дека со овие зборови луѓето се штитат од болки во грбот за време на работа.

Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје. Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје.

Се верува дека во ноќта спроти Крстовден, Господ слегува на земјата и ја исполнува секоја посакана желба. Ова верување има најголема сила во месноста крстови Гора, каде легендите раскажуваат дека е закопан Христовиот крст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.