Едно од нашите најпознати светилишта „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир, го одбележува својот патрон, Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.
Одбележувањето почнува вечерва, во предвечерието на празникот, од 18 часот кога ќе биде отслужена празнична Вечерна богослужба, на која ќе претстои неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј.
Утре, на денот на патронот, во 7:30 часот почнува утрената богослужба, во 8:45 часот е пречекот на надлежниот митрополит дебарско-кичевски, неговото високопреосвештенство, г. Тимотеј а во 9 часот почнува Светата архиерејска Златоустова литургија.
Свештената бигорска Обител, деновиве упати покана до сите верници за достоинствено и со почит одбележување на патронот.
– Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, стои меѓу другото во поканата.
Традиционлано, по повод патронот, во Бигорскиот манастир, престојуваат повеќе стотици верници од сите делови на државава, кои овде доаѓаат неколку дена пред празникот, но најмногу вечерва и утре.
-Често доаѓам во ова наше Господово гнездо. Тука сум од вчера и ќе останам до вторник. Душата ми е секогаш исполнета со радост, а со првиот чекор во манастирот се исполнува и со мир и спокој. Кој само не дошол тука не го почувствувал тоа, вели Севда Тасевска од Битола.
Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и пред три години го одблежа големиот јубилеј 1000 години од основањето
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.