Делумно е ставен под контрола пожарот меѓу Богданци и Дојран што избувна денеска на пладне на планината Карабалија, во атарот на селото Селемли, во близина на границата со Грција.

Како што изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, горат уште два краци.

– Со дејствување на двата авиона „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), но и на локалните пожарникари од Гевгелија и Дојран, спречено е проширување на пожарот кон полето – рече Ангелов.

Според него, големиот пожар е на линијата на фронтот од Првата светска војна и досега се слушнале дваесетина детонации од експлозивни направи и истрели од куршуми од голем калибар.

– Тоа го усложнува гаснењето на пожарот, бидејќи ја загрозува безбедноста на пожарникарите, но и на леталата. Авионите пристапуваат внимателно и исфрлаат вода од повисоко – додаде Ангелов.

Во прилог на гаснењето на пожарот оди и ветрот кој го насочува огнот кон изгорените делови и, според директорот на ЦУК, има можност во наредните неколку часа пожарот целосно да биде локализиран.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.