Метерологот Славчо Попоски упати предупредување до граѓаните да бидат крајно претпазливи и да не ги оставаат своите автомобили под дрвја, поради силниот ветер од јужен правец кој утре се очекува да дува низ Македонија. Ветерот на некои места ќе достигнува брзина од дури над 80 км/час, пишува тој.

Вели дека сево ова е поради моќиот циклонски систем кој ќе биде со центар над Џеновскиот залив и истиот ќе влијае на времето кај нас во Македонија, но и во регионот.

Од утре па натаму следува и период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и истите локално ќе бидат поинтензивни. Локално ќе има развој и на нестабилна облачност, проследена со поројни врнежи од дожд, грмежи, силен ветер и услови за ретка појава на град. Локално овие процеси би можеле да бидат застапени и во форма на невреме. За време на викендот пак на планинските места на запад ќе има услови и за врнежи од снег. Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 20 степени, додека во најтоплите предели истите се очекува да се искачат и малку над 20 степени, вели Попоски.

Попоски додава дека од денес па во следните денови поради изразеното југозападно воздушно струење, од Сахара кон нашата територија ќе се шири прашина и песок, со што и атмосферата ќе биде заматена, а дождот кој се очекува ќе биде помешан со истата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.