Во текот на оваа седмица ќе бидеме под влијание на антициклонот „Зевс” кој освен нас, го опфаќа и поголемиот дел од Европскиот Континент. Времето ќе биде стабилно, суво и со се повеќе сонце, најавува Славчо Попоски.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните предели повремено засилен ветер од северен правец. Наутро температурите, особено во првите денови од оваа седмица ќе бидат многу ниски и ќе се спуштаат во интервалот помеѓу -10 и -2 степени, а тие понекаде ќе се спуштаат и под -10 степени. Максималните дневни температури ќе бидат во постепен пораст секојдневно.
Особено натпросечно високи температури преку ден ќе имаме за време на викендот кога тие ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 16 степени.
Во Скопје и околината ќе имаме слично време, стабилно и суво со се повеќе сонце. Повремено ќе засилува ветерот од северен правец. Наутро температурата ќе се спушта во интервалот помеѓу -4 и -2 степени, а преку ден таа ќе се искачува во интервалот помеѓу 7 и 9 степени.
Според прогнозите самиот почеток на февруари ќе биде потопол од просекот со отстапување во температурите од 3 до 6 степени. Генерално втората половина на вториот месец, значи од 15 до 29 февруари ќе биде поладна со чести врнежи, кога можат да се очекува повремена појава на снег и во пониските предели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.