Пожарот кој ја зафати во т.н. Гоцева шума кај Неготино е ставен под контрола од страна на неготинските и кавадаречките пожарникари, а и пожарот во месноста Мал Раковец во Демир Капија е локализиран.
Ова се последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во врската со двата пожари кои беснееја попладнево. Од голема помош било гаснењето од воздух со хеликоптерите на МВР.
Кај Неготино, првично дејствуваше авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но откако полицискиот хеликоптер прецизно ја испуштил водата, немало потреба од втор налет на авионот.
„Бидејќи немаше потреба од второ дејство на авионот на ДЗС, хеликоптер на МВР со ведро од еден тон во два наврати прецизно дејствуваше врз пожарот во боровата т.н. Гоцева шума во непосредна близина на Неготино каде во моментов силниот пожар од страна на територијалните противпожарни единици од Неготино и Кавадарци е ставен под контрола. Се очекува и третиот налет на хеликоптерот на МВР после што ќе се повлече во неговата база“велат од ЦУК.
Кај Демир Капија, пак, вториот полициски хеликоптер досега надлетувал три пати со ведро од три тона.
„Вториот хеликоптер на МВР со ведро од три тона дејствуваше во три наврати врз пожарот во месноста Мал Раковец во Демир Капија, со што пожарот благодарение на територијалната против пожарна единица и хеликоптерот е локализиран“велат од ЦУК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.