На граничните премини Табановце и Богородица за излез од државата, се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу еден час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема поголеми задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.

Затворени за сообраќај поради асфалтирање, денеска ќе бидат делницата Велес – Градко во периодот од 08:00 – 18:00 часот, и Демир Капија – Давидово во период од 10:00 – 16:00 часот.

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

Термините се следни: петок од 17:00 – 22:00 часот, сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот.

На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали: петок од 15:00 – 22:00 часот, сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и недела од 07:00 до 22:00 часот.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.