Зекимерем Салиев од Делчево ги доби клучевите од новиот стан, откако пред шест месеци како самохран родител за МИА реши да прозбори за проблемите со домувањето, како едно од неговите најтешки животни прашања со што беше соочен по смртта на неговата сопруга. Очекувајќи позитивно решение за добивање стан за него и неговите четири деца, тој со радост деновиве ја дочека добрата вест, заблагодарувајќи се за поддршката што ја имаше од делчевската невладина организација „КХАМ“ во текот на целиот процес.

– Како што знаете, мојата сопруга почина минатата година, по што останав со моите четири дечиња. Едното дете учи во Штип, другото ми е деветто, машкото ми е четврто, а најмалото оди во трето одделение. Децата, како и секој човек, си имаат потреба од свој простор и среќен сум што добив стан и не сме по улиците за што со децата сме благодарни на „КХАМ“, рече Салиев.

Следниот чекор што го очекува, е, решавање на неговиот статус со вработувањето.

– Сега треба да се сместам, од „Црвен крст“ имам најава дека ќе ми помогнат да се опреми кујната. За вработување разговарав со градоначалникот и директорот, за да почнам со работа во Јавното комунално претпријатие „Брегалница“, бидејќи со една социјална помош не бива, има сметки за струја, вода, други давачки. Уште еднаш благодарност до „КХАМ“ кои многу ми помогнаа и помагаат на секој, со што можат, додаде Салиев.

За Зоран Биковски од невладината организација „КХАМ“, добивањето на станот е само еден сегмент од неговата успешна приказна. За целосно да биде успешна, како што посочи тој, потребно е и вклучување на локалната самоуправа, која според него, треба да му помогне на делчевскиот самохран родител за неговото вработување преку Оперативниот план од Агенцијата за вработување и мерките за вработување.

– Првиот чекор е успешен, по настанатата трагедија утврдивме дека семејството е во сериозен ризик и од социјален и од аспект на домување. Најпрвин помогнавме да ја комплетира целосната документација со изводи, венчаници, умреници и сите други потребни документи. Се комплетираше барањето, се прати до комисијата во Владата одговорна за станбени прашања и станбено необезбедени лица, а потоа успеавме, лобиравме, застапувавме и еве, Зекимерем дојде до стан. Сега е потребно да му се помогне на овој човек да дојде до вработување, тука секако ќе помогне и „КХАМ“, кој претходно помогна и со нотарски услуги што се прилично скапи, потенцираше Биковски.

Очекува поддршка од Советот за социјална заштита, од кој дел е и делчевската невладина организација и кој, според Биковски, е еден од најуспешните во државава.

– Не само „КХАМ“, туку сите членки, пред се „Црвениот крст – Делчево“, даваат сериозен придонес. Преку ПХВ проект и дечињата коишто учествуваат во тој проект, најпрвин ќе се опреми една просторија за ова семејство. Ние како „КХАМ“ ќе овозможиме основни елементи да се сместат, меѓутоа потребна е поддршка од целокупното граѓанство да се донира, да му помогнеме барем за првата станарина и за огрев, за шпорет и така натаму, додаде Биковски.

Тој информираше дека во Делчево повеќе од 20 семејства имаат аплицирано за стан како станбено необезбедени лица и лица во социјален ризик, што според него, алудира на фактот дека Општина Делчево, во соработка со Министерството за транспорт и врски, треба да размислува за изнаоѓање локација за изградба на социјална зграда, каде овие лица ќе бидат сместени.

– Втората варијанта е заедно со граѓанскиот сектор да се бара помош и донација, некоја стара зграда или било каква зграда, што не се користи за некоја намена, а Општината може да ја преземе, да се реновира, да се адаптира и на тој начин да обезбедиме повеќе успешни приказни и повеќе инклузивни приказни, во кои граѓаните ќе бидат задоволни, подвлече претставникот на делчевската невладина организација.

Тој изрази благодарност до сите институции и на локално и на државно ниво, што помогнале во случајот на Салиеви да се дојде до решение. Биковски потенцираше дека „КХАМ“ ќе продолжи со поддршка на самохраниот родител во изнаоѓањето можности за негово вработување, со што ќе биде позитивен пример за решавање на проблемите од ваков тип



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.