Британскиот принц Хари призна дека првпат конзумирал кокаин на 17-годишна возраст, пишува британски „Скај њуз“.

Автобиографијата на принцот Хари „Spare“ („Резерва“) денеска се појави на полиците на книжарниците во неговата родна Велика Британија.

На страниците 112 и 113 Хари пишува: „Секако дека тогаш земав кокаин. Во нечија куќа, за време на лов, ми понудија линија и оттогаш користам малку повеќе…“ Тој истакна дека не му било премногу забавно.

„Тоа не ме направи премногу среќен, како што беше случајот со другите, но направи да се чувствувам поинаку, а тоа беше мојата главна цел. Да се чувствувам, да бидам поинаков”, напиша Хари.

Тој вели дека тогаш имал 17 години, бил желен да проба речиси сè што ќе го промени воспоставениот поредок.

„Барем сакав да се убедам себеси дека е така. Во тоа време бев способен да се лажам себеси како и членовите на персоналот на кралското семејство“, наведува принцот Хари во своите мемоари.

Во интервју со познатиот водител Андерсон Купер во емисијата 60 минути Хари исто така откри дека „не можел да плаче поради смртта на мајка му поради товарот што го чувствувал“, па затоа се обидел со „експериментален третман користејќи халуциногени печурки и други психоделици“

Андерсон го праша дали ги обвини папараците за нивната наводна улога во сообраќајната несреќа во 1997 година во која загина Дијана во Париз кога тој имаше само 12 години. Хари одговори дека како деца „ним им било јасно дека британските медиуми имаат улога во страдањето на неговата мајка“.

– Се свртев кон жестоки пијалоци затоа што сакав да ги умртвам емоциите и да си го оттргнам вниманието. Знаете, користев и дрога – откри принцот, признавајќи му на Андерсон дека пушел трева и земал кокаин затоа што се чувствувал „безнадежен” и „изгубен“.

Цел свет зборува за британскиот принц Хари, откако започна нова битка против кралското семејство, објавувајќи ги своите мемоари во кои го напаѓа својот брат Вилијам, идниот британски крал, и не ги поштеди ниту кралот Чарлс Трети, принцезата од Велс, ниту неговата маќеа Камила Паркер-Боулс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.