Пет деца без родители и нивната згрижувачка ќе бидат под закрила на компанијата Макстил, која ќе обезбедува се што им е потребно на овие деца, за да почувдтвуваат што значи да се има топол дом. Кумството на куќата, односно земањето обврска за грижа за овие деца, е дел од новото стратешко партнерство на Макстил со СОС Детско село со кое компанијата станува клучен поддржувач на една од згрижувачките куќи, која ќе го носи името на компанијата.

Донацијата за СОС Детско село, произлегува од долгорочната стратегија на компанијата за активна грижа за ранливите групи и придонес за подобрување на нивната добросостојба.

Влегувањето во ова стратешко партнерство со СОС Детско село значи надградување на нашата општествено одговорна улога и нашето влијание во создавањето позитивни промени. Да се биде клучен поддржувач на згрижувачка куќа од СОС Детско село значи да се прифатат вредностите што оваа организација ги застапува, да се поддржат напорите за создавање семејство и семејна грижа за секое дете.

 

Макстил како компанија заедно со своите вработени, целосно ја прифаќа одговорноста да бидеме главен помагач и пријател на ова семејство и со тоа да ги пренесеме најважните семејни вредности, заедништво, грижа и создавање топол дом за децата кои живеат во кумската куќа. Со ова партнерство, истовремено ги поттикнуваме и мотивираме истите релации и меѓу нашите вработени и партнери и иницираме пошироко позитивно влијание во зацврстување на традиционалните семејни вредности“, истакна генерална директорка на Макстил, Марија Дуковска-Павловска, при потпишувањето на договорот за партнерство со СОС Детско село.

Донацијата на Макстил во голема мера ги покрива потребите на семејството и одржувањето на куќата во која се сместени петте деца и згрижувачката во текот на една година.

Остварувањето соработка со Макстил, за СОС Детско село значи продолжување и продлабочување на активностите во чии рамки лани СОС Детско село поддржа над 700 деца и млади без родители и родителска грижа или во ризик да ги изгубат своите родители, згрижувачки семејства и семејства во социјален ризик.

Нашата континуирана грижа и работа со овие ранливи групи е поддржана од многу чинители од нашето општество меѓу кои и се многу компании кои се насочиле и делуваат во оваа област на општествената одговорност. Среќни сме што го прошируваме нашето СОС семејство со нов стратешки партнер – Макстил, една од најуспешните компании во Македонија, партнер кој ќе обезбеди финансиска поддршка за континуирана грижа на една куќа во безбедна и сигурна средина каде децата ќе можат да имаат среќно детство и правилен раст и развој.

 

Поддршката на оваа ранлива група бара голема сила и издржливост да се решат и надминат многу предизвици со кои се соочуваат децата; бара одржливост на нашата секојдневната континуирана поддршка за тие деца да израснат во самостојни млади луѓе, одговорни членови на нашето општество. Токму ваквите партнерства ни даваат сила и издржливост да продолжиме напред и да менуваме животи и веруваме дека нашето партнерство со Макстил ќе овозможи заеднички да создаваме посилни заедници и можност за развој и заштита на децата без родителска грижа“, истакна национланата директорка на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо, при потпишувањето на договорот нагласувајќи го значењето на поддршката.

Склучувањето соработка со СОС Детско село е дел од општествено одговорните практики на Макстил, кои се во суштината на компаниската долгорочна деловна и развојна стратегија и нивното влијание се протега од подобрување на состојбите во јавното здравство со континуирани донации, создавање содржини за здрав детски развој во локалната заедница, како и иницирање проекти за засилување на заштитата на животната средина.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.