Силни ветрови проследени со поројни дождови и грмежи, кои резултираа со голем број на паднати дрвја, откорнати покриви и поплави, погодија неколку региони на Балканот во последните две недели.
Од невремето настрадаа Скопскиот, Кривопаланечкиот, Тетовскиот и Кумновскиот регион, а вчера истураше и во Битола. Пораки со предупредувања добија сите кои се наоѓаат на северот на Грција.
Поради сè oва, добро е да се знае што треба да направите доколку ве фати поплава на пат или додека сте во автомобилот:
Останете смирени и отклучете ја вратата – Доколку дождот предизвика нагло покачување на нивото на водата на улицата, најважно е да останете смирени. Oдврзете го појасот и отклучете ги сите врати од автомобилот за да бидете подготвени за брза евакуација доколку е потребно.
Паркирајте на страна – Доколку е изводливо, автомобилот треба да се паркира на страна од патот и да се почека водата да се повлече од патот. Ова е најсигурната опција ако процените дека водата нема брзо да се подигне.
Оставете го возилото доколку се заканува опасност – Доколку нивото на водата се заканува да ја надмине висината на тркалата на автомобилот, најдобро е да го напуштите возилото за да ја избегнете можноста да бидете „заробени“ во автомобилот. Повикајте помош на телефон и засолнете се на побезбедно место, по можност на високо место или на покривот на автомобилот доколку е потребно.
Проверете ја временската прогноза пред да тргнете – Пред да започнете со патувањето, задолжително проверете ја временската прогноза за да избегнете лошо време и потенцијални несреќи додека возите.
Откако невремето ќе престане, а водата ќе се расчисти, битно е да не пробувате сами да го палите или преместувате возилото, доколку во него навлегла вода. Повикајте шлеп служба за мајстор да може да провери дали сè е во ред со моторот, маслото и сите останати делови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.