Трката со формули на вода на Охридско Езеро закажана за јуни годинава во водите на Охридско Езеро кај Поградец во соседна Албанија предизвика жестоки реакции во јавноста. Сепак и експертите и поголем дел од жителите се согласни дека ваква трка не треба да се одржи.

Експертската јавност предупредува за штетните последици. Настанот „F1H2O“ е дел од светското првенство во трка со високо-туражни моторни чамци, за кои основано се проценува дека имаат негативно влијание врз животната средина, живиот свет и еко-системот, настани што вообичаено се одржуваат на отворени водени површини како мориња и океани, а не на затворени водни површини како што е Охридско Езеро.

Трката со формули на вода на Охридско Езеро е закана за екосистемот алармираат еколошките здруженија и институциите.

Повеќе од 50 здруженија на граѓани, еколошки асоцијации и институции од земјава и од соседна Република Албанија покренаа иницијатива за спречување на одржување на настанот. Посочија дека одржувањето на трка со брзи моторни чамци од серијата „Формула 1“ на Охридското Езеро, планирана за јули оваа година во албанскиот дел на езерото претставува значителен ризик за неговиот деликатен екосистем и културното значење.

Ги повикаа институциите за спроведување на законот во двете земји да дадат приоритет на зачувувањето на природата. Препорачаа да се преиспита локацијата на настанот и да се истражат алтернативите, со цел да се спречи понатамошно оштетување на екосистемот на Охридското Езеро и да се зачува неговата природна убавина за идните генерации.

Потенцира дека во трките би учествувале глисери со голем капацитет чии мотори предизвикуваат физички, хемиски и биолошки промени во животната средина, следствено врз тоа и на живот свет во Охридско Езеро.

Проценките направени од информациите достапни на интернет-страницата на организаторот на настанот, а наведени во иницијативата, покажуваат дека за време на одржување на истиот ќе бидат ослободени приближно 1.639.089 килограми CO2 емисии во воздухот и езерото.

Според покренувачите на иницијативата за спречување организација на таквниот настан, за време на самата трка во водата и во воздухот за само неколку дена ќе бидат ослободени штетни гасови еквивалентни на оние што ги испуштаат моторните возила како на брегот така и во водата во текот на цела календарска година.

Исто така ќе бидат потребни 4.300 метри квадратни паркинг-простор за да се сместат 43-те тимови или 129-172 камиони ангажирани за логистика на настанот. Самата стартна платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона, просторот каде се мрестат и живеат рибите од езерото, предупредуваат иницијаторите на акцијата за спречување организација такви еколошко-неприфатливи настани на езерото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.