Македонската модна дизајнерка Евгенија Зафировска која работи во Скопје и во Љубљана во понеделникот, на 12 август на брегот во Сутиван, на хрватскиот остров Брач ја претстави новата колекција наречена „Кога модата ја следи архитектурата“, потпишана од брендот ЕЗ (Евгенија Зафировска Дизајн).

За поубава атмосфера на модната ревија свирел познатиот хрватски музичар Роко Вушковиќ. Zа презентација на креациите е подготвен каталог со сите модели фотографирани во Сутиван. Фотографиите се дело на Сања Гргиќ Ќуриќ, а како заштитни лица се појавуваат Ника Шунара и Николина Петров Вушковиќ.

Во колекцијата „Кога модата ја следи архитектурата“, облеката ја претставувам како тело, архитектура, создадов „носливи предмети“. Преку истражување, пристапив и ја најдов најблиската врска помеѓу архитектурата и модата преку создавање на 3Д структура и простор за телото, притоа дозволувајќи неограничено движење. Досегашните резултати покажуваат дека луѓето стануваат сè повеќе свесни за квалитетот и одржливоста што ни ги нудат малите серии облека, со што нè доближуваат до уникатноста, исто како што куќите, улиците и плоштадите се единствени на свој начин, вели Зафировска.

Сутиванската архитектура, изградена од бел камен, е инспирација за колекцијата „Кога модата ја следи архитектурата“, која создава рамнотежа помеѓу архитектурата и природата. Колекцијата е изработена од природни материјали, надополнети со елементи од рециклиран рачно ткаен материјал со извезени и плетени мотиви. Модните дизајни претставуваат комбинација на геометриски форми во просторот, што создава чувство на проток и нежни струи.

Негувањето на етичка мода, рециклирање и производство на нула отпад за мене е совршенство при дизајнирање креација. Моја лична заложба е заштита на животната средина, вели Зафировска.

Резултатот е современа колекција, препознатлива и единствена, базирана на корисни,
иновативни рачни техники и материјали.

Модата и архитектурата отсекогаш имале меѓусебен однос заснован на заеднички визуелен и интелектуален принцип. Влијанието на архитектурата врз колекцијата е видливо во употребата на флексибилни материјали, мембрански структури, многу лесен мрежест материјал и, од друга страна, многу цврст рачно ткаен материјал. При изработката на секое парче од колекцијата користев рачни текстилни техники на оригинални традиционални начини, додава модната дизајнерка.

EZ ја прави одговорната мода лесна и посакувана, а истовремено отстранува многу од бариерите со кои се соочуваат купувачите кога бараат поприфатливи алтернативи. Добриот дизајн треба да биде разумен, смета Зафировска.

Фото: Габрич Медиа

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.